ПРЕГЛЕД НА ПРИСТАПНИ ПРОГРАМИ ЗА ЛИЦАТА СО СЕТИЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ВО 2025

Скопје, 13 март 2025г. – Агенцијата го објави Прегледот на програмите кои давателите на медиумски услуги, во согласност со своите акциски планови, ќе ги направат пристапни за лицата со сетилна попреченост во текот на 2025 година. Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, давателите на медиумски услуги се должни да преземаат континуирани и прогресивни чекори за обезбедување пристапност на своите услуги за лицата со попреченост. За да се операционализира оваа обврска, беше изработен Правилник за пристапност до медиумските услуги, усвоен од Советот на Агенцијата на 13 јуни 2024 година, врз основа на кој засегнатите медиумски услуги доставија годишни акциски планови за 2025 година.

Телевизиите на државно ниво, ќе ја исполнат обврската во првата година, така што ќе обезбедат пристапност на најмалку една програма што се емитува најмалку еднаш неделно, а секоја наредна година, ќе треба да направат пристапна уште по една дополнителна програма за да се постигне збирен ефект.

Услугите видео по барање, првата година ќе мора да обезбедат пристапност на 2% од содржините во своите каталози, а секоја следна година ќе го зголемуваат овој процент за дополнителни 2%.

Освен ова, телевизиските програмски сервиси треба да ги информираат лицата со попреченост за пристапните програми преку самопромотивни најави како и на други начини пред тие да бидат емитувани, а услугите видео по барање треба јасно да ги означат пристапните програми во своите каталози.

Како дел од обврската за пристапност, радио и ТВ програмите треба да ја подобрат видливоста и застапеноста на лицата со попреченост. Притоа, се препорачува избегнување на стереотипни претстави, како негативни (сожалување или жртви) така и несоодветно позитивни (како суперхерои на пр.). Наместо тоа, известувањето треба да нуди избалансиран приказ на попреченоста како дел од секојдневниот живот, истовремено промовирајќи ги правата и достоинството на лицата со попреченост во сите области, како што се политика, економија, култура, спорт, здравство, итн.

АВМУ континуирано ќе го следи исполнувањето на преземените обврски од страна на давателите на медиумски услуги.

За сите прашања поврзани со пристапноста на медиумските услуги, Агенцијата воспостави електронска адреса dostapnost@avmu.mk. Оваа контактна точка служи за добивање информации, поднесување претставки, доставување акциски планови и извештаи, како и за размена на релевантни информации.



Accessibility

Accessibility