Совет на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Врз основа на член 14 и член 16 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 24 јуни 2024 година, донесе Одлука за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Членовите на Советот на АВМУ се избрани за период од пет години.

На конститутивната седница на Советот на Агенцијата, одржана на 03 јули 2025г. за претседател на Советот на Агенцијата беше избран Сашо Стефановски, а Зирjета Јајага за негов заменик.


Претседател на Советот на Агенцијата

  м-р Сашо Стефановски

Сашо Стефановски дипломирал на Универзитетот за аудиовизуелни уметности при Европската филмска академија – ЕСРА Скопје, каде го стекнал звањето дипломиран филмски и телевизиски снимател. Образованието го продолжил на Институтот за општествено-хуманистички науки во Скопје, каде магистрирал со тема „Информациските форми и чинители во процесот на трансформација на медиумите“, со што се стекнал со звање магистер по студии на политики.

Како медиумски работник со триесетгодишно работно искуство во областа на новинарството, електронските комуникации и културата, кариерата ја започнал во 1987 година во Секторот за продукција на Македонската радиотелевизија, каде работел како телевизиски снимател, а подоцна ја извршувал функцијата раководител во Секторот за продукција – Одделение за слика, сè до 2008 година. Во текот на овој период активно учествувал во реализација на бројни проекти од различни жанрови, при што остварил значителни професионални резултати. За својот придонес, во 2007 година бил награден со Годишна награда за особен придонес на Македонската радиотелевизија.

На позицијата раководител во Секторот за продукција дал значаен придонес во развојот на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, развојот на независната продукција, како и во поттикнувањето, унапредувањето и заштитата на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Република Северна Македонија. Исто така, бил вклучен во реализација на голем број културно-политички и други настани од сите сегменти на општествениот живот, како во земјата, така и во странство. Дополнително, активно учествувал во техничко-технолошкиот развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, процесите на конвергенција со електронските комуникации и услугите на информатичкото општество, како и во поттикнувањето и развојот на конкуренцијата во овој сектор.

Од 2008 година работи како советник за медиуми во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, каде е одговорен за организација на настани и официјални меѓудржавни средби, како и за координација на посети на високи делегации во голем број земји. Во оваа функција имал можност да престојува во најреномираните светски телевизиски куќи со цел усовршување и примена на професионални искуства во областа на комуникологијата, новинарството и електронските комуникации.

Во периодот од 2008 до 2017 година бил претседател на Надзорниот одбор на Македонската информативна агенција (МИА), член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“ – Скопје, член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, како и член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.

Во текот на својата кариера имал можност да присуствува на бројни обуки и да учествува во реализација на значајни проекти од областа на медиумските услуги. Меѓу најзначајните се издвојуваат престој во RAI UNO, Рим, Италија; обука организирана од ОСЦЕ на тема „ТВ и информативни програми“ во Скопје; престој во TRT, Анкара, Турција; техничка размена и едукација за земски траси во CNN, Лондон; трансмисија на аудио и видео материјали во CNN, Вашингтон; подготовка, координација и реализација на ТВ пренос во UN TV за потребите на МРТ, Њујорк; снимање, реализација и испраќање на аудиовизуелни материјали до македонските медиуми од Економскиот самит во Либија; престој во редакцијата на македонски јазик на Deutsche Welle во Келн; посета и престој во Националната телевизија во Брисел, Белгија и многу други.


Заменик на претседателот на Советот на Агенцијата

м-р Зирjета Јајага


Член на Советот на Агенцијата

  Петар Џуровски

Петар Џуровски е долгогодишен професионалец во областа на филмската продукција, телевизијата и маркетингот, со над 25 години искуство како продуцент, режисер и филмски и ТВ монтажер. Неговото професионално портфолио опфаќа богат опус од телевизиски и аудио реклами, филмски трејлери, џинглови, радио спотови, кратки играни филмови, документарни серии и играно-документарни проекти.

Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за филмска и ТВ монтажа, во класата на проф. Димитар Грбевски. Во периодот 2000–2002 година бил активен член на Академскиот кино клуб и Кино сојуз на Македонија.

Во 2003 година ја основа продукциската куќа „Лавиринт продукција“, каде што работи како извршен директор. Професионалното искуство го надградува во продукциската куќа ИДЕА Плус (Џангл), како режисер и монтажер, со остварена соработка со домашни и меѓународни колеги.

Од 2008 година се посветува на режија, сценарио и продукција на кратки играни и играно-документарни филмови. Во периодот 2015–2025 година работи како Самостоен советник за односи со јавност во Македонска навигација и воздухопловство (М-НАВ).

Поседува напредни вештини за работа со софтвери за видео и аудио монтажа, меѓу кои: Final Cut Pro, Adobe Premiere, Adobe After Effects, Avid Film, Motion, Adobe Encoder DVD, Sony Sound Forge и DV-Peak.

Соработувал со значајни национални институции, меѓу кои Агенцијата за филм, Кинотека на Македонија, Архивот на Македонија, МРТВ, како и со други организации од областа на медиумите и продукцијата. Неговиот професионален ангажман вклучува продукција на над 70 документарни филмови и повеќе од 150 аудио и видео реклами за различни компании.


Член на Советот на Агенцијата

 м-р Гордана Мајнова

Гордана Мајнова е истакнат економист во областа на радиодифузијата и здравствениот сектор со над дваесет и пет годишно работно искуство. Таа е родена на 15 мај 1971 година.

Мајнова завршува високо образование на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се стекнува со титулата дипломиран економист. Потоа го продолжува своето образование на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се стекнува со титулата магистер по комуникации.

Нејзината професионална кариера започнува во 1996 година, во француско-македонска компанија од областа на рекламирање и маркетинг. Од 1997 година се вработува во Совет за радиодифузија како раководител на секторот за економски работи, меѓународна соработка и односи со јавноста. Во рамки на своето ангажирање во медиумскиот регулатор – тогашен Совет за радиодифузија, од самото негово основање, директно е вклучена во креирањето на темелите врз кои се изгради современиот регулаторен систем за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги во Македонија. Учествува во развивањето на првичните политики, механизми и процедури за регулирање на радиодифузната дејност, воспоставување на лиценцирањето на радиодифузерите, мониторингот на програмските содржини и обезбедување на транспарентност и плурализам во медиумскиот простор. Учествува во подготовки на подзаконски акти, методологии за работа, како и во меѓународна соработка насочена кон усогласување на националното медиумско законодавство со европските регулативи и стандарди.

Од 2005 година е вработена во Министерството за здравство како државен советник. Од 2022 до 2024 година е национален координатор на Светската Здравствена Организација, УНИЦЕФ, како и лице за контакт на Министерството за здравство со Светска банка.

Гордана Мајнова поседува бројни сертификати и специјализации, и тоа меѓу позначајните: Школата за јавно здравство на Харвард со акцент на човечки ресурси и децентрализација на здравството, Институтот за јавна администрација за примена на нови технологии во комуницирањето во Париз, Обука организирана од Меѓународниот Медиа Тренинг Центар и Универзитетот во Тенеси, САД (US Information Agency&VOA), Обука од Владината агенција за информирање и комуникации во Хаг за комуницирање со јавноста и европска соработка, Одржливо финансирање на здравствениот систем во СЗО- Барселона и други. Таа има учествувано и на многу европски и светски семинари и конгреси. Ко-автор е на бројни публикации од областа на здравството и радиодифузниот сектор.

Гордана Мајнова течно говори англиски и француски јазик.


Член на Советот на Агенцијата

Афрона Врзиволи


Член на Советот на Агенцијата

  Цветанка Миновска 

Цветанка Миновска е дипломиран новинар на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката Интердисциплинарни студии по новинарство.

Професионалната новинарска кариера ја започнува во Македонската радиотелевизија во 1996 година, а од 1998 до 2025 година е дел од Медиумската информативна агенција (МИА), каде повеќе од две децении успешно раководи со Одделението на дописничката мрежа.

Со 28 години работно искуство во новинарството, Миновска е препознатливо име во домашната и меѓународната медиумска сцена. Во текот на кариерата има известувано за значајни политички настани од државно и меѓународно значење — од работата на Собранието и ресорните министерства, до процесот на пристапување на Македонија во НАТО, состаноци на ОБСЕ, Минхенската безбедносна конференција, самити на претседатели на држави и влади, меѓународни конференции и форуми.

Поседува бројни уверенија и благодарници, меѓу кои уверение за посетен курс на Универзитетот во Каиро, благодарница за известувањето од Кабул (Авганистан) во 2001 година за првата мировна мисија од Македонија, како и благодарница од началникот на ГШ на АРМ, генерал Мирослав Стојановски, за успешна соработка во областа на одбраната.

Во својата богата кариера има реализирано илјадници интервјуа и изјави, вклучувајќи разговори со Генералните секретари на НАТО Хавиер Солана и Џорџ Робертсон, поранешниот командант на НАТО силите Весли Кларк, претставници на ЕУРОПОЛ и многу други истакнати домашни и меѓународни личности.

Позната по својот професионален, одговорен и објективен пристап, Цветанка Миновска е новинар со интегритет и истакнат придонес кон развојот на новинарската професија во државата.


Член на Советот на Агенцијата

Виктор Павловски



Accessibility

Accessibility