Скопје, 02.11.2017г. – Деновиве се емитуваат спотови од заедничка кампања во сопствена продукција на Сити Радио, Клуб ФМ и Метрополис Радио Мрежа, која, како што се вели во нив, е наменета за „сите пре-еманципирани жени“.
Агенцијата констатираше дека кампањата претставува дискриминација врз основа на пол, ширење мизогинија и сексизам што е флагрантно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Трите радиодифузери кои ја продуцирале оваа кампања, се однесуваат на начин кој е непоимлив и целосно неспојлив со професионално однесување.
Имено, во кампањата, еманципацијата на жените и на мажите се поставуваат како два процеси кои меѓусебно се исклучуваат, еманципацијата и стремежот на жените да го достигнат максимумот во своите кариери се претставува како негативна појава, успешните жени се подложуваат на потсмев и омраза, а на децата и младите од обата пола им се испраќа порака дека не се еднакви и дека не треба да се стремат кон еднаквост.
До трите радија се упатени известувања за констатираното прекршување на Законот, Извештајот од надзорот е достапен на веб страницата на Агенцијата (линк до извештајот), е испратен и до Комисијата за заштита од дискриминација.
Комисијата за заштита од дискриминација на РМ до Агенцијата, достави Допис – мислење со кое се утврдува вознемирување по родова основа направено од страна на Сити радио, кое предизвикува повреда на достоинството на жената, со спотовите од кампањата за прееманципираните жени емитувани на 30 октомври 2017 година.