Правилата за платена политичка програма во фокусот на првиот јавен состанок
Скопје, 29.03.2019 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за 2019 година, на кој директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски ги презентираше активностите од изминатиот квартал, спроведени согласно Годишната програма за работа на Агенцијата – извршените надзори врз радиодифузерите, издавачите на печатени медиуми и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, мониторингот на изборното медиумско известување за претседателските избори, изречените мерки-јавна опомена, меѓународните активности.
Во пресрет на кампањата за претседателските избори 2019 година и за локалните избори во општините Дебар, Ново Село и Охрид, Агенцијата на состанокот потсети на правилата кои се однесуваат на изборното медиумско претставување на радиодифузерите, а посебен акцент беше ставен на имплементацијата на одредбите за платено политичко рекламирање (ППР).
Во однос на начинот на распределба на времето за платено политичко рекламирање, во текот на изборните кампањи 2019 година, радиодифузерите и во првиот и во вториот круг на гласање, можат да одвојат вкупно 9 минути на реален час програма. Ваквата распределба на времето важи за радиодифузерите кои емитуваат програма на национално ниво и за радиодифузерите на регионално и на локално ниво кои емитуваат програма во општините во кои се бираат градоначалници, како и за радиодифузерите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање само за кандидатите за градоначалници. Радиодифузерите кои ќе емитуваат ППР само за претседателските избори, и во првиот и во вториот круг на гласање, можат да одвојат вкупно 8 минути на реален час програма. Спојувањето на платеното политичко рекламирање во два последователни реални часа, не смее два пати по ред да биде за ист кандидат за претседател или за ист подносител на листи на кандидати за градоначалници.
Распределбата на времето за бесплатно политичко претставување на Собранискиот канал, треба да се применува во текот на секој круг гласање за претседател на државата и градоначалник, односно вкупно 3 часа бесплатно политичко претставување за кандидатите за претседател, и вкупно 1 час за кандидатите за градоначалници, распределено еднакво меѓу кандидатите.
Во овој период радиодифузерите што одлучиле да го покриваат изборниот процес, треба да ги почитуваат обврските за известување на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма, а на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап, до сите облици на изборно медиумско претставување.
Агенцијата како и во претходните изборни циклуси, активно ќе го следи известувањето на радиодифузерите и сите материјали, извештаи од мониторингот над радиодифузерите ќе ги објавува на својата веб страницата, во посебниот банер Избори 2019.
Презентациите од јавниот состанок се достапни на линковите:
Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ
- д-р Зоран Трајчевски
Правила за изборно медиумско претставување, Претседателски избори 2019
- м-р Виктор Шиков, Одделение за програмски и административен надзор
Имплементацијата на одредбите за платено политичко рекламирање
- м-р Виктор Стојанов, Одделение за човекови права и медиумска писменост
Добиените ставови и мислења и ставот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за првиот јавен состанок за 2019 година, можат да се преземат на следниот линк
——————————————————————————————————————————————————