Хроника од 25-та седница

image_pdfimage_print

Скопје, 30.12.2014г. Советот на Агенцијата, согласно Упатството за начинот на мерење на гледаноста и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија, донесе Решение за формирање Иницијативен Одбор кој ќе ги спроведе подготовките за основање на Македонски Комитет за мерење на публиката и Решение за назначување на претставник од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Советот даде одообрение за спроведување на 4 (четири) постапки за  јавни набавки за следните предмети на јавна набавка: Канцелариски мебел и опрема, за деловниот објект на Агенцијата, Палата „Панко Брашнаров“; Изведба на ентериерски градежно – занатски работи во деловниот објект на Агенцијата, Палата „Панко Брашнаров“; Ревизорски услуги и Агенција за привремени вработувања.

Советот го донесе Упатството за примена на одредбите за пласирање производи.Пред да биде усвоен, подзаконскиот акт беше на јавна расправа, која траеше до 05.12.2014г. Во рамките на јавната расправа, Агенцијата дополнително ги повика сите заинтересирани страни да дадат предлози за можен изглед на знакот со кој радиодифузерите ќе ги означуваат програмите во кои има пласирање производи, а исто така, Агенцијата организираше состанок на кој беа поканети сите радиодифзуери и на кој беше презентирано Нацрт-упатството за примена на одредбите за пласирање производи, а присутните беа уште еднаш повикани активно да се вклучат во јавната расправа, со предлози што ќе ги достават во писмена форма.

Советот на Агенцијата донесе Нацрт – Одлука за утврдување листа со настани од големо значење за јавноста на Република Македонија и Нацрт – Упатство за правото на кратко известување за настани за кои се стекнати ексклузивни права за емитување. За двата документи е започната јаван расправа, која ќе трае до 7 февруари 2015 година.

Советот на Агенцијата донесе Одлука за престанок на важност на дозвола за вршење радиодифузна дејност бр.07-214 од 28.05.2013 година на ТРД ТВ АРТ Артан ДООЕЛ Тетово. Радиодифузерот, во утврдениот рок, до Агенцијата не достави пријава за замена на дозволата за вршење радиодифузна дејност, со нова дозвола за телевизиско емитување согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Со оглед на тоа, а  имајќи предвид дека дозволата на овој радиодифузер е доделена врз основа на Законот за радиодифузната дејност, кој престана да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, дозволата на ТВ АРТ престанува да важи на 05.01.2015 г.

По поднесеното Барање за доделување дозвола без објавување конкурс, а согласно член 76 став 7 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Советот на Агенцијата донесе  Одлука за доделување дозвола за телевизиско емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс, на државно ниво на ТРД ТВ АРТ Артан ДООЕЛ Тетово.



Accessibility

Accessibility