Четврти јавен состанок за 2019 година

Родовите прашања во медиумите во фокусот на четвртиот јавен состанок на АВМУ

 Скопје, 25 декември 2019 – Агенцијата денес го одржа последниот јавен состанок за 2019 година, на кој директорот,   д-р Зоран Трајчевски ги презентираше реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатото тромесечје.  Тој направи пресек на спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, давателите на АВМУ по барање и издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените студии, меѓународните активности, активностите во рамки на процесот на европска интеграција на земјава.

Посебен акцент на настанот беше ставен на родовите прашања во медиумите. Организацијата Коалиција Маргини го презентираше „Водичот за новинари“, чија цел е да биде главен извор на новинарите кои сакаат да обработуваат медиумски прилози за трансродовите лица на јасен и разбирлив начин. Публикацијата, која е подготвена од организацијата Transgender Europe, со поддршка на Програмата за права, еднаквост и државјанство на Европската Унија, дава практични насоки за начинот на кој треба да се пишува за трансродовите лица или за прашањата кои ги засегаат.

На настанот, претставничка на Хелсиншкиот Комитет за човекови права ги пренесе резултатите од анализата за начинот на известување на медиумите за манифестацијата „Скопје Прајд 2019“. Генералната оценка е дека телевизиите, печатените медиуми и најголем дел од релевантните интернет медиуми во земјава, коректно и професионално информираа за „Скопје Прајд 2019“. Сепак, беше посочено дека во дел од медиумското известување изостана отворена осуда на говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

На крајот на состанокот беа презентирани резултатите од застапеноста на родовата структура во сопственоста кај телевизиите и радијата кои емитувале програма на национално, регионално и локално ниво во 2019 година. Податоците од оваа анализа, која ја изработи Агенцијата, се показател за постоењето на помалата застапеност на жените во сопственичката структура на телевизиите и радијата. Вкупно 68 радиодифузери, од кои 28 телевизии и 40 радија се во целосна сопственост на мажи, додека 23 радиодифузери, односно 3 телевизии и 20 радија, се во целосна сопственост на жени. Деталните податоци за родовата структура на сопственоста и на вработените во радиодифузијата ќе бидат објавени на почетокот на 2020 година.

Презентациите се достапни на следните линкови:

Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ

  • д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ

Презентација Водич за новинари: Етичко известување за трансродовите лица и прашањата кои ги засегаат

  •  Елена Петровска, Коалиција Маргини

Родова структура на сопственоста кај телевизиите и радијата

  • Марина Трајкова, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

—————————————————————————————————————————————————-

– Агендата за четвртиот јавен состанок на Агенцијата може да ја преземете на следниот линк

– Пријавата за учество на четвртиот јавен состанок на Агенцијата може да ја преземете на следниот линк



Accessibility

Accessibility