ИЗВЕШТАИТЕ ЗА ЕМИТУВАНОТО ППР ДА СЕ ДОСТАВАТ НА 8 АПРИЛ

Скопје, 05.04.2019 – На радијата и телевизиите кои врз основа на склучени договори со учесниците во изборните процеси ќе емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) на претседателските кандидати и на кандидатите за градоначалници во општините Дебар, Ново Село и Охрид, трошоците, согласно Изборниот законик, ќе им ги исплати Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на доставени фактури. Секој радиодифузер кон фактурите треба да приложи медиа план и извештај за реализирана услуга потпишан и од радиодифузерот и од нарачателот на рекламирањето (учесникот во изборна кампања).

Според Изборниот законик, пред исплата на трошоците за емитуваното ППР од страна на ДИК, Агенцијата е должна да достави извештај за вкупното времетраење на ова рекламирање што било емитувано кај секој радиодифузер, првпат на 10-от ден од изборната кампања, а вторпат на 7-от ден по завршување на кампањата. Оттаму, во согласност со Упатството што Советот на Агенцијата го усвои на 29 март 2019 година, радиодифузерите имаат обврска да достават податоци во Агенцијата за емитуваното платено политичко рекламирање.

Првиот Извештај треба да ги содржи податоците за емитуваното политичко рекламирање за периодот од 1 до 7 април 2019 година. Имајќи ги предвид кратките законски рокови и за да нема пречки за исплата на трошоците, неопходно е Извештаите да бидат со точни податоци и читливо пополнети. Сите одговорни лица посочени во Извештајот, треба јасно и разбирливо да го напишат своето име и презиме и да стават своерачен потпис. На Извештајот задолжително треба да биде ставен печат од радиодифузерот.

Извештаите не треба да се праќаат по пошта туку скенирана верзија од Извештајот радиодифузерите треба да испратат до Агенцијата на следнава електронска адреса – contact@avmu.mk.

Со цел Агенцијата навреме да ги обработи податоците што радиодифузерите ќе и ги достават и за да достави сублимиран извештај до ДИК на 10 април 2019 година, извештаите треба се достават во понеделник на 8 април.

Контакт лица за евентуални дилеми при пополнување на извештаите се: Емилија Петреска-Камењарова – 02 3103-428; Огнен Неделковски – 02 3103-410; и Шќипе Тахири – 02 3103-424

Пред подготовка на вториот извештај, Агенцијата, до радиодифузерите дополнително ќе достави Образец на Извештај.

 

Образец-Извештај за емитувано платено политичко рекламирање во периодот од 1 до 7 април 2019 година 



Accessibility

Accessibility