Родот во спортската ТВ програма во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ

  Скопје, 28 март 2022 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа првиот јавен состанок за оваа година, на кој директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

 

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка.

На состанокот беа презентирани и наодите од Анализата „Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“, со која за прв пат се дава квантитативен и квалитативен увид во тоа колку и како известуваат националните телевизии за спортистките и спортовите во женска конкуренција, наспроти спортистите и спортовите во машка конкуренција.

Анализата која за потребите на Агенцијата ја изработи Институтот „Ресис“ покажа дека информирањето за спортот и спортските настани и пренесувањето на спортски натпреварувања, има значајно место во вкупната програмска шема на Јавниот радиодифузен сервис. Јавниот сервис настојува да води осмислена и конзистентна уредувачка политика поврзана со спортот, односно кај него има жанровска разноликост и очигледно голем диверзитет на претставени спортови на кои им е отстапено забележително времетраење. На програмата на трите анализирани канали – МРТ 1, МРТ 2 и МРТ 3, доминираат тимските спортови во машка конкуренција. Востановено е доминантното присуство на мажи меѓу новинарите наспроти маргиналното учество на новинарки, како и доминација на мажите спортски работници односно спортски експерти.

Приватните телевизии ТВ Алфа, ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма и ТВ Алсат-М значително помалку време му посветуваат на спортот во однос на Јавниот сервис. Ова е целосно очекуван наод, со оглед на тоа што поради веќе откупените права за емитување, приватните телевизии немаа преноси од Летните олимписки игри. Сепак, меѓу петте приватни телевизии има видливи разлики во начините на кои ги покриваат спортските настани и во вниманието кое му го посветуваат на спортот. Во редовната спортска информативна програма сметајќи ги индивидуалните и тимските спортови има доминација на спортовите во машка конкуренција. Спортските експертки се речиси целосно отсутни од редовната програма на приватните телевизии, додека ставови и анализи за спортските настани редакциите барале доминантно од машки спортски работници.

Презентациите се достапни на следните линкови:

Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ

д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ

„Родот во медиумите 2021: Родовите прашања и начинот на претставување на жените и мажите во спортската програма на националните терестријални телевизии“ 

Игор Мицевски, РЕСИС



Accessibility

Accessibility