Скопје, 10.01.2023г. – На вчерашната прва седница, Советот на Агенцијата донесе Решение за запирање на покренатата постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД ТВ ИРИС ДОО Штип, поради исполнување на минималните кадровски услови утврдени во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио телевизиско емитување.
Советот на Агенцијата донесе Заклучок да започне јавна консултација во траење од 30 дена во врска со предложените измени и дополнувања на „Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување“ од страна на Здружението на новинари на Македонија.
Во врска со писменото барање од ТРД 24 ВЕСТИ ДООЕЛ Штип, Советот на Агенцијата донесе Одлука за одбивање на барањето за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку дигитален мултиплекс, од причина што со Студијата за утврдување оправданост за објавување јавен конкурс за доделување дозвола, се утврди дека не постои оправданост за објавување на јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиски програмски сервис со претежно информативен општ формат и општ формат во кој застапените видови програми ги остваруваат сите три медиумски функции (информативна, образовна и забавна). Советот на Агенцијата по објавувањето на Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022г. по службена должност ќе започне постапка за доделување договор за јавна набавка за изработка на студија за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс.
Врз основа на констатации од извршени редовни програмски и административни надзори, Советот на Агенцијата изрече седум мерки за јавна опомена и тоа:
- ТРД СПЕКТРА, Општина Лабуништа ДООЕЛ за прекршување на член 50 став 3 од ЗААВМУ и членовите 16 и 17 од Правилникот за заштита на малолетните лица односно емитување на програмски сервис во несоодветен термин и со погрешна предупредувачка сигнализација, како и член 92 ставови 1 и 3 од ЗААВМУ односно неемитување најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела;
- Универзитетско РАДИО СТУДЕНТ ФМ 92,9 – Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ Скопје за прекршување на член 92 став 2 од ЗААВМУ односно не објавување на сопствениот знак за идентификација, како и член 14 од Законот за медиуми односно необезбедување информации со кои се идентификуваат авторите и уредниците на емитуваните радиовести, како и потеклото и датумот на нивната продукција;
- ТРД УСКАНА Медиа ДООЕЛ Кичево, за прекршување на член 92 ставови 1 и 3 од ЗААВМУ, односно неемитување на најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела;
- Непрофитна радиодифузна установа РАДИО МАРИЈА-БЛАГОВЕСТ Струмица, за прекршување на член 51 став 1 од ЗААВМУ односно необезбедување на информации што треба да се направат достапни на корисниците;
- Универзитетско радио УГД ФМ – Универзитет Гоце Делчев Штип, за прекршување на член 51 став 1 од ЗААВМУ односно необезбедување на информации што треба да се направат достапни на корисниците.
Со цел реализирање на постапки кои се во согласност со Годишниот план за јавни набавки за 2023 година на Агенцијата, Советот даде одобрувања на директорот на Агенцијата за дообезбедување на средства потребни за реализација на договорот за јавна набавка-стока: Систем за автоматско управување со документи, а следствено на тоа и за изменување на Одлуката за потреба од јавна набавка.
Исто така, Советот одобри директорот на Агенцијата да донесе одлука со која се одобруваат финансиски средства за претплата на „Службен весник на РСМ“ за 2023 година во печатена форма.