Скопје, 11.01.2019г. – На вчерашната седница, Советот на Агенцијата ги разгледа Кварталните извештаи за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за периодот од 01.10 до 31.12.2018 година.
Поради прекршување на член 67 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно непочитување на обврската на радиодифузерот да спроведува најмалку 80% од програмскиот концепт за кој му е издадена дозволата, Советот на Агенцијата покрена постапка за одземање на дозволата за радио емитување на Трговското радиодифузно друштво РФМ ДООЕЛ Скопје.
Барањето за доделување на дозвола без објавување на јавен конкурс за телевизиско емитување поднесено од Радиодифузното трговско друштво Телевизија Сонце ДООЕЛ Прилеп, Советот на Агенцијата со Решение го отфрли како нецелосно, односно неуредно пополнето и со нецелосни податоци кои се предвидени во член 76 став 3 и 4 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Советот на Агенцијата го прифати предлогот од директорот за доставување Информација до Министерството за внатрешни работи на Република Македонија – Центар за сузбивање организиран и сериозен криминал, за постоење сомневање за сторена повреда на авторски права и сродните права по доставена претставка во врска со пренос на програмскиот сервис „Балкан Мјузик“ ДООЕЛ од Република Бугарија.
Во врска со проследената претставка од страна на Владата на Република Македонија, доставена од ТРД 24 Вести ДООЕЛ Скопје, Советот зазема став да иницира заеднички состанок со претставници од ТРД 24 Вести, Стопанската интересна заедница комитет за мерење на публиката на Република Македонија и на истражувачката агенција избрана за вршење мерење на телевизиската публика Ниелсен.
Со цел да се започнат постапки за јавни набавки кои се во согласност со Годишниот план за јавни набавки за 2019 година на Агенцијата, Советот даде одобрувања директорот на Агенцијата да ги спроведе следниве постапки за јавни набавки: услуга од агенција за привремени вработувања/приватна агенција за вработување и авионски билети. Воедно, Советот даде одобрување на директор да донесе Одлука за набавка од мала вредност за услуга сервисирање на кафемати во Агенцијата.