Скопје, 28.02.2020 – На денешната седница Советот на Агенцијата ги усвои Нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборните процеси и Нацрт-упатство за потврдување на извештаите за емитувано платено политичко рекламирање. За двата нацрта отворена е јавна расправа во времетраење од 7 дена заклучно со 6 март 2020 година.
Исто така за усвоените Нацрт–правилник за изменување и дополнување на Правилникот за содржината и формата на пријавата за евидентирање во регистарот на оператори кои реемитуваат програмски пакети и на потврдата за регистрација на програмски пакети/сервиси бр.01-5775/1 од 21.11.2014 година, Нацрт–упатство за начинот на регистрација и бришење на законски застапник на радиодифузер од друга држава во регистарот на законски застапници на радиодифузери од други држави кои се реемитуваат на територијата на Р.С. Македонија и Нацрт–упатство за постапката за утврдување на одговорноста за сторена повреда или прекршување при реемитување на програмски сервиси на радиодифузери од друга држава, отворена е јавна расправа во времетраење од 35 дена заклучно со 03 април 2020 година со цел да им овозможи на сите заинтересирани страни да ги изразат своите мислења, гледишта и ставови.
Советот донесе четири Решенија за запирање на покренати постапки за одземање на дозволата за вршење на радиодифузна дејност на следниве радиодифузери: ТРД КАНАЛ-21 Велес, ТРД ТВ КОЧАНИ-ЛД ДООЕЛ Кочани, Радио КАНАЛ 77 ДООЕЛ Штип и ТРД БИ-КИ-АЛ ДООЕЛ Битола.
Поради прекршување на член 80 став 5 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно поради неплаќање на надоместокот за дозвола за вршење радиодифузна дејност во утврдениот рок, Советот на Агенцијата покрена една постапка за одземање на дозволата за радио емитување на ТРД РАДИО ХИТ ФМ ДООЕЛ Скопје и донесе две Одлуки за одземање на дозволата за радио емитување на ТРД РАДИО БРАВО ДООЕЛ Куманово и ТРД РТВ ДРИНИ ДООЕЛ Струга поради неплатен годишен надоместок за дозвола за радио емитување во законски утврдениот рок.
Поради Одлука на Собранието на РСМ за распуштање на Собранието на РСМ и Решение за распишување на предвремени избори за пратеници, поради што не се дозволени измени и дополнувања на годишен план за јавни набавки во текот на изборниот процес, Советот на Агенцијата донесе заклучок да се прекине постапката во врска со доставеното барање за објавување на јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс од ТРД 24 ВЕСТИ ДООЕЛ Штип.
Врз основа на констатации од контролен надзор, каде е констатирано прекршување на член 98 став 2 од ЗААВМУ и членот 14 став 4 од Правилникот за нови рекламни техники, Советот на Агенцијата донесе Решенија за изрекување мерка за јавна опомена на ТРД КАНАЛ 5 ДООЕЛ Скопје, ТРД АЛФА ТВ ДООЕЛ Скопје и ТРД Телевизија ТЕЛМА ДООЕЛ Скопје.