Скопје, 20.07.2023 – На вчерашната седница Советот на Агенцијата покрена постапка за одземање на дозволата за радио емитување на ТРД Балкан ФМ Радио од Гостивар поради неисполнување на обврската од член 80 став 5 од ЗААВМУ, односно поради неплаќање на годишниот надоместок за дозвола за радио емитување.
Советот ги усвои обрасците на барање на согласност за промена или дополнување на повеќе од 20% од програмскиот концепт од дозволата за телевизиско и за радио емитување.
Врз основа на констатации од извршени редовни административни надзори, Советот на Агенцијата изрече две мерки за јавна опомена на ТРД Радио Канал 77 ДООЕЛ Штип, и тоа:
- За прекршување на член 51 став 1 од ЗААВМУ – необезбедување информации што треба да им се достапни на корисниците;
- За прекршување на член 14 од Законот за медиуми – необјавување податоци што е должен да ги емитува на соодветно место за секоја содржина од програмскиот сервис.
Поради неисполнување обврската која произлегува од член 143 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а се однесува на реемитување на програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис, Советот на Агенцијата заклучи против Друштвото за трговија и услуги ТОТАЛ ТВ ДОО Скопје да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд.
Советот на Агенцијата даде одобрување директорот на Агенцијата да донесе Одлука за набавка на услугата – одржување на кафематите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со проценета вредност под вредносните прагови за примена на Законот за јавните набавки.