Скопје, 27.07.2020 год. – На денешната седница Советот го разгледа Извештајот од изборното медиумско претставување за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година. Во таа насока Советот заклучи против ТРД АЛСАТ – М ДОО Скопје и ТРД ТВ ШЕЊА ДООЕЛ Скопје да се покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд бидејќи спротивно на членот 75 став 1, а во врска со член 75-а став 1 точка б од Изборниот законик, радиодифузерите при известувањето за време на изборната кампања не обезбедиле избалансирано покривање на изборниот процес во дневноинформативните и во посебните информативни емисии во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници.
Советот на Агенцијата заклучи против ТРД ТЕЛЕВИЗИЈА МАКПЕТРОЛ ДООЕЛ Скопје да се покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд поради прекршување на членот 50 став 3 од ЗААВМУ и на членовите 16 и 17 од Правилникот за заштита на малолетните лица.
Во согласност со Годишниот план за јавни набавки за 2020 година Советот даде одобрување за спроведување на постапка за јавна набавка–услуга: Истражување-Анализа на родовите прашања и на начинот на прикажување на жените и мажите во програмите на радиодифузерите.