Скопје, 08.08.2022 – На денешната седница Советот на Агенцијата донесе Одлука со која се одобрува ребаланс на Финансискиот план на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година. Со предложениот ребаланс на Финансискиот план за 2022 година, вкупните планираните расходи остануваат на претходно утврденото ниво.
Врз основа на член 80 став 5 од ЗААВМУ, односно поради неплаќање на годишниот надоместок за дозволата за телевизиско емитување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Советот на Агенцијата покрена постапка за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД Телевизија ИРИС ДОО Штип.
Поради неисполнување обврската која произлегува од член 143 став 3 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а се однесува на реемитување на програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис, Советот на Агенцијата заклучи против Друштвото за трговија и услуги ТОТАЛ ТВ ДОО Скопје да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд.
По извршен редовен програмски надзор, Советот на Агенцијата изрече две мерки јавни опомени на ТРД ТВ-СТАР ДОО Штип, и тоа за прекршување на член 64 став 1 од ЗААВМУ, во рамки на документарната програма „Заборавени“, посветена на селото Вратница (прв дел), се емитувани изјави на гостин од Србија, изворно на српски јазик, без превод на македонски јазик и за прекршување на член 92 став 1 од ЗААВМУ, односно неемитување најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела.
Согласно претходно донесената Одлука со која се одзема дозволата за радио емитување, на денешната седница Советот на Агенцијата донесе Решение за бришење од регистарот на радиодифузери на Трговското радиодифузно друштво КАПИТОЛ ФМ ДООЕЛ Скопје.
Советот на Агенцијата овласти лица вработени во стручната служба на АВМУ за вршење стручен надзор, на кои ќе им бидат издадени службени легитимации и даде одобрување директорот на Агенцијата да го донесе Годишниот план за проценка на ризици од корупција на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година.