Скопје, 06.11.2015г. – По поднесено известување за промена на сопственичка структура, Советот на Агенцијата донесе одлука со која се дозволи промена на сопственичката структура на ТРД РАДИО АКТУЕЛ Битола ДООЕЛ, со оглед на тоа што со предложените промени не се создава недозволена медиумска концентрација.
По претходно констатирано прекршување на член 38 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од страна на ТРД РАДИО СВЕТИ НИКОЛЕ ДОО Свети Николе и ТРД РАДИО ОХРИД ДОО Охрид, Агенцијата им наложи на овие две радиостаници да ја усогласат својата сопственичка структура, во смила на тоа дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија Ц.О. Скопје поседува удели кај овие две радиостаници. Агенцијата донесе Заклучок за одложување на понатамошното постапување по донесените одлуки за утврдување повреда на забрана на членот 38 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од страна на ТРД РАДИО СВЕТИ НИКОЛЕ ДОО Свети Николе и ТРД РАДИО ОХРИД ДОО Охрид, се до исходот од најавените активности од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија Ц.О. Скопје и Министерството за општество и администрација.
Донесено е Нацрт-Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на мерење на гледаност и слушаноста на програмите, односно програмските сервиси на радиодифузерите во Република Македонија. Со предложените измени ќе се овозможи предмет на вакво мерење да бидат и други телевизиски станици кои ќе покажат интерес, ќе се избрише од текстот на Упатството формирањето на Асоцијацијата на огласувачи во Република Македонија, договорот со избраната агенција ќе се зголеми од 5 на 7 години и ќе се утврди начинот на којшто ќе се пресметува надоместокот кој ќе го плаќаат членовите на Комитетот и трети заинтересирани страни. Текстот на Нацрт-Упатството е ставен на јавна расправа, со траење од 30 дена.
Советот даде одобренија Директорот на Агенцијата да донесе: одлука со која од сметководствената евиденција на Агенцијата ќе се отпише долгот на ТРД операторот на кабелска мрежа „ТО-МИ“ ДООЕЛ Радовиш; одлука за распишување на оглас за засновање работен однос на определено време за замена на привремено отсутен работник до негово враќање и за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за јавна набавка – стока: Набавка на уметнички слики.