Скопје, 18.11.2022 – Советот на Агенцијата донесе Нацрт-годишни планови за вршење програмски и административен надзор за 2023 година и Нацрт-програма за работа на Агенцијата за 2023 година (со Нацрт-програма на планирани активности и Нацрт-финансиски план за 2023 година). За сите три Предлог-нацрти отворена е јавна расправа во времетраење од 30 дена.
На денешната седница Советот на Агенцијата донесе Одлука со која се одобрува ребаланс на Финансискиот план на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година. Со предложениот ребаланс на Финансискиот план за 2022 година, вкупните планираните расходи остануваат на претходно утврденото ниво.
Врз основа на добиено Барање, Советот на Агенцијата ја разгледа Информацијата и заклучи да го информира МВР на РСМ-Центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, дека постои сомневање за повреда на авторските права и сродните права од страна на Друштвото за трговија и услуги ТОТАЛ ТВ ДОО Скопје.
Советот на Агенцијата заклучи да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд против операторот на ЈЕКМ Македонски Телеком за прекршување на член 141 од ЗААВМУ, односно поради реемитување на програмски сервиси кои не се опфатени со потврдата за регистрација на програмски сервиси издадена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Советот на Агенцијата изрече четири мерки за јавна опомена на ТРД ТВ ЗДРАВКИН ДООЕЛ Велес, врз основа на редовни програмски надзори за прекршување на:
- член 50 став 3 од ЗААВМУ и член 19 од Правилникот за заштита на малолетните лица – емитувана играна серија без соодветна преупредувачка сигнализација пред почетокот и без класификациска ознака за категоријата програма во текот на целото времетраење,
- член 53 став 2 од ЗААВМУ – во рамки на емисија се емитувани промотивни спотови што претставува прикриени аудиовизуелни комерцијални комуникации,
- член 64 став 1 од ЗААВМУ – необезбедување превод на македонски јазик, и
- член 92 ставови 1 и 3 од ЗААВМУ – неемитување на најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела нити пак најмалку половина од законскиот минимум изворно создадена програма како македонски еудиовизуелни дела го емитува во период од 07,00 до 19,00 часот.
Согласно Годишниот план за јавни набавки за 2022 година на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Советот на Агенцијата даде одобрување за спроведување на следните јавни набавки: технички преглед на лифтовите и платформата и печатарски услуги.