Скопје, 26.12.2024 – На 46-та седница, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги усвои Годишниот план за вршење програмски и административен надзор за 2025 година и Годишната програма за работа на АВМУ за 2025 година заедно со Програмата на планирани активности и финансиски план.
Советот донесе Одлука за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД ТВ-КАНАЛ ВИС ДООЕЛ Струмица. Причината за оваа Oдлука е неисполнувањето на минималните кадровски услови утврдени со Правилникот минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување.
Советот донесе Одлука за неуспешност на јавниот конкурс за доделување дозвола за радио емитување на непрофитна радиодифузна установа на локално ниво во општина Неготино, бидејќи до утврдениот рок не беше поднесена ниту една пријава.
По разгледување на извештаите од редовните програмски и административни надзори, Советот донесе Одлуки за изрекување мерки јавна опомена за повеќе радиодифузери поради различни прекршувања на законските одредби:
- ТРД ТВ ЊУЗ ДООЕЛ Куманово:
- За непочитување на член 92 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ), бидејќи на 4 ноември 2024 година не емитуваше најмалку 30% програма како македонски аудиовизуелни дела.
- За прекршување на член 51 од ЗААВМУ поради неосигурување на достапност на информации до корисниците.
- За непочитување на член 14 од Законот за медиуми, со што не ги објави потребните податоци за импресум на неколку програми.
- За погрешно означување и недоволна сигнализација за заштита на малолетни лица во неколку емитувани програми.
- ТРД ТВ ДУЕ Назми ДООЕЛ Гостивар:
- За прекршување на член 92 од ЗААВМУ, бидејќи не емитуваше законски минимум програма како македонски аудиовизуелни дела.
- За необезбедување превод на странски емисии на албански јазик.
- За несоодветна сигнализација и временско емитување на програми од четврта категорија.
- ТРД ПРОТЕЛ ДООЕЛ Пробиштип:
- За погрешна класификација и недоволна сигнализација за заштита на малолетни лица при емитување на филмот „Наполнет пиштол“.
- ТДР СПЕКТРА ДООЕЛ Лабуништа:
- За несоодветно означување и временско емитување на филмови како „Тежок за убивање“ и „Брзи и бесни 7“.
- ТРД ТВ СВЕТ ДООЕЛ Свети Николе:
- За неправилна предупредувачка сигнализација пред емитување на документарни и играни филмови.
Советот донесе Решение за запирање на постапката за одземање дозвола за ТРД ТВ ЊУЗ ДООЕЛ Куманово поради целосна уплата на годишниот надоместок. Исто така, беше донесено Решение за бришење од регистарот на радиодифузери на Радио РРАПИ Струга.
Советот одобри и набавка на услуга за технички преглед на лифтови и платформа за период од две години.