“Извештајот на Советот за радиодифузија се совпаѓа со извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, каде што работењето на Советот е пофалено како професионално и непристрасно.”
СКОПЈЕ, 29 септември 2009 – Советот за радиодифузија на денешната (29 септември 2009) јавна седница (СРД) го усвои Извештајот од мониторингот на електронските медиуми за време на локалните и претседателските избори.
Извештајот опфаќа детален преглед како и квалитативна и квантитативна анализа на емитуваната програма за време на изборната кампања, мерките што СРД ги има преземено против оние медиуми коишто ја повредиле изборната регулатива и Законот за радиодифузната дејност.
“Извештајот на Советот за радиодифузија се совпаѓа со извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР, каде што работењето на Советот е пофалено како професионално и непристрасно.” – рече претседателот на СРД, Зоран Стефаноски.
Заменик-претседателот, Илир Ајдини додаде: “Се соочивме со предизвикот да спроведуваме законски решенија, коишто не беа доволно прецизни и јасни и на моменти доведоа до вакуум простор и недоразбирања. Сепак, можам слободно да кажам дека и покрај овие проблеми Советот за радиодифузија беспрекорно ја заврши својата задача на најпрофесионален можен начин.”
Советот за радиодифузија мониторингот го врши според модерна и меѓународно прифатена методологија, што ја користи и ОДИХР. Непосредно пред изборите СРД ги надгради капацитетите за мониторинг, а потоа продолжи да инвестира во дополнителен развој на техничките и кадровските капацитети.