СКОПЈЕ, 20 ноември, 2009 – Советот за радиодифузија на Република Македонија и ЦИВИЛ МЕДИА вчера потпишаа Меморандум за соработка со кој се официјализира соработката во доменот на јакнење на јавната свест, едукација и развој на електронските медиуми, авторските права и слободата на говорот.
Со Меморандумот се официјализираат и регулираат низа аспекти од споменатите области, а со тоа се зајакнува соработката на ова регулаторно тело со граѓанскиот сектор.
ЦИВИЛ МЕДИА – Центар за развој на аудиовизуелни медиумски сервиси, заштита на авторските права и слобода на говорот е дел од структурата на ЦИВИЛ – Центар за слобода, организација која постои од 1999 година.
„Нашите контакти и соработка со Советот за радиодифузија датира од поодамна. Време беше оваа соработка и да се официјализира, а со тоа да се отворат можности за партнерски настап во имплементацијата на наши проекти во доменот на медиумите и слободата на говорот. Пред нас стојат сериозни предизвици и извонредно динамична иднина, соодветна на динамиката на развојот на медиумите во светот и кај нас. Соработката на Цивил со ова регулаторно тело воедно претставува и јакнење на ресурсите во општеството за одбрана и јакнење на слободата на говорот“ – изјави Џабир М. Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Стефаноски додаде: „Советот за радиодифузија отсекогаш имал директен контакт со јавноста и нашата желба е оваа интеракција со јавноста – со главните консументи на медиуските содржини – и понатаму да продолжи. Соработката со невладината ЦИВИЛ МЕДИА, ќе придонесе токму кон унапредување на нашата комуникација со публиката. Сферата на радиодифузијата се наоѓа во многу важна фаза на дигитализирање и конвергирање на медиумите, така што соработката ќе ни овозможи директно да го добиеме инпутот од граѓаните во дизајнирањето на идниот медиумски пејсаж.
Потписниците се обврзаа да започнат со заеднички активности и проекти уште во текот на наредните денови.