1

16.02.2011г. СРД ги повикува медиумите да придонесуваат кон намалување на општествените тензии

СКОПЈЕ 16.02.2011 – Советот за радиодифузија (СРД) на денешната седница констатираше дека во ехото на последните општествено-политички случувања во програмите на електронските медиуми зачестено се користат елементи, што би можеле да доведат до појава на говор на омраза.

СРД ги повикува сите медиуми да вложат максимални напори за да спречат емитување на програмски содржини, што би можеле да доведат до ширење на меѓуетничка, интра-етничка или верска нетолеранција или да повикуваат на линч.

Членовите на СРД потсетуваат дека покрај објективното информирање една од општествените улоги на медиумите е исто така да придонесуваат кон намалување на тензиите, кон унапредување на општествениот дијалог, кон избегнување на ксенофобија и исклучивост по која било основа и кон промоција на останатите демократски општествени вредности.

Во текот на наредниот период СРД засилено ќе ги следи програмите на радиодифузерите од аспект на придржувањето до законските одредби за превенирање на говор на омраза или ширење нетрпеливост.