05.06.2012г. СРД домаќин на Извршниот одбор на меѓународниот проект DigiTV

СКОПЈЕ, 05.06.2012 – Советот за радиодифузија (СРД) денеска и утре ќе биде домаќин на состанокот на Извршниот и Управниот одбор на проектот DigiTV, наменет за промоција на дигиталната телевизија во Југоисточна Европа, кофинансиран со средства од ИПА-фондовите на Европската унија.

Состанокот го отвори претседателот на СРД, Зоран Трајчевски, давајќи кус осврт на активностите што ги презема СРД во рамките на DigiTV: „Во тек е истражување на нивото на јавната свест за воведувањето на дигиталниот телевизиски пренос, што ќе ни даде општа слика за подготвеноста на населението во земјава за прием на дигиталниот телевизиски сигнал“.

 

За на есен претседателот на СРД најави кампања за подигнување на јавната свест во земјава во врска со исклучувањето на аналогниот пренос на преминот кон дигитално телевизиско емитување.

 

Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, се осврна на стратешките определби на Република Македонија за континуиран развој на информатичко-комуникациските технологии и ја осигури инклузивноста на проектот за дигитална телевизија на сите социјални категории: „Владата на РМ ќе обезбеди 40 илјади сет-топ-боксови за социјално загрозените семејства.“
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), Роберт Орданоски, најави нова ера во радиодифузијата: „Со гаснењето на аналогниот сигнал кој што го одбележа 20тиот век и имплементирањето на дигитализацијата ги отвораме портите на новата ера во медиумите и одговараме на барањата на современиот македонски граѓанин.“
Основните цели на проектот DigiTV се: Спречување на можни негативни социјални и економски импликации од процесот на преминување од аналогно кон дигитално емитување, зголемување на квалитетот и достапноста на дигитална телевизиска  инфраструктура, намалување на дигиталниот јаз итн. Носители на проектот DigiTV се национални регулаторни тела и организации од областа на радиодифузијата на Словенија, Италија, Австрија,  Унгарија,  Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија. Претставник од Република Македонија е СРД.

Повеќе информации за проектот и проектната документација се достапни на:

www.see-digi.tv
http://www.srd.org.mk/index.php?option=com_content&view=category&id=55%3Adigitv&layout=blog&Itemid=102&lang=mk



Accessibility

Accessibility