07.06.2012г. СРД организираше дебата на тема: „Заштита на малолетната публика: креирање квалитетни содржини за децата“

image_pdfimage_print

СКОПЈЕ, 07.06.2012 – Уредници од најголемите телевизиски куќи во земјава, претставници од независни продукции, од Македонскиот институт за медиуми, Првата детска амбасада – Меѓаши, Организацијата на потрошувачите и од други невладини организации и јавни институции од сферата на заштитата на децата, денеска во Советот за радиодифузија (СРД) учествуваа во дебатата, посветена на заштитата на малолетната публика.

Дебатата ја отвори претседателот на СРД, Зоран Трајчевски, осврнувајќи се на задачите и активностите на СРД за заштита на малолетната публика: „За заштитата на малолетната публика сме зборувале повеќе пати и затоа, само накусо, сакам да потсетам на најочигледната алатка за градење и одржување на одговорноста на медиумите кон малолетната публика. Зборувам за Правилникот за заштита на малолетната публика од програми кои можат штетно да влијаат врз нејзиниот физички, психички и морален развој, чиј најпрепознатлив дел се знаците за сигнализација кои покажуваат за која возрасна група е наменета програмата.“

 

„Советот не може да им наложи на медиумите каква и која програма да ја емитуваат – тоа би било мешање во уредувачката слобода. Затоа Советот организира вакви настани кои служат за да се дознае нешто ново, за да се разменат мислења, да се постават прашања, секако, да се добијат одговори, и – особено – да се родат нови идеи.“ – нагласи Трајчевски.

 

 

Американската амбасада во Скопје го обезбеди специјалниот гостин – воведничар на настанот, професорката по психологија, Сандра Калверт, од американскиот Универзитет Џорџтаун од Вашингтон, која им се обрати и на продуцентите со порака да обрнат поголемо внимание на образовниот карактер на детската програма: „Создавајте приказни за животите на децата, заплетот нека биде многу јасен, повторувајте ги клучните елементи, додавајте под-заплети за постарите деца, бирајте содржини, коишто се општествено-емоционални и додавајте поакадемски содржини како што децата растат и доаѓаат до претшколска возраст и натаму во текот на школувањето…“

 

И покрај санкционирањето на прекршувањата што ги прават радиодифузерите на  законските и подзаконските одредби за заштита на малолетната публика, СРД и во иднина ќе продолжи да го унапредува општествениот дијалог за заштита на малолетниците од штетни содржини во медиумите преку слични јавни настани и форуми, како дел од мерките за подигнување на степенот за разбирање на важноста за ефективна заштита на малолетната публика од содржини, што можат штетно да влијаат врз нивниот психо-физички развој.



Accessibility

Accessibility