06.07.2012г. СРД ја упати ВМРО НП да го искористи законското право на одговор и исправка

image_pdfimage_print

СКОПЈЕ, 06.07.2012 – Советот за радиодифузија (СРД) на денешната седница го разгледа дописот од ВМРО Народна партија, дека телевизиите МТВ, Канал 5 и Сител не објавиле одговор на оваа партија, што бил реакција на – како што е наведено во дописот – „писмо на оснивачи на ВМРО ДПМНЕ“.

Членовите на СРД заклучија дека регулаторното тело мора да ја почитува самостојноста и независноста на радиодифузерите и не може да им наложи да објават некоја информација. Меѓутоа, доколку ВМРО НП сака да оствари право на одговор и исправка во однос на писмото објавено на 1 јули 2012 година, треба да се обрати до трите радиодифузери – Сител, Канал 5 и МРТ и да побара емитување на одговорот врз основа на постапката утврдена во главата 12 од Законот за радиодифузната дејност – право на одговор и исправка.

СРД ја потсети ВМРО НП, дека барањето за објавување одговор и исправка се поднесува во рок од 15 дена од денот на објавувањето на информацијата, на која се однесува одговорот и треба да задоволи одредени формални барања во поглед на природата, содржината, должината и податоците што ги содржи, дека барањето нема да содржи ниту еден од елементите поради кои радиодифузерите би можеле да не го објават, како и дека во случај телевизиите да не го емитуваат одговорот или исправката, ВМРО – Народна партија има право да покрене постапка пред надлежен суд.

СРД одлучи да упати и допис до телевизиите Сител, Канал 5 и МРТ, со кој ќе бидат информирани за претставката од ВМРО – Народна партија, а имајќи ја предвид нивната самостојност и независност при креирањето на програмата, да се потсетат на потребата од почитување на програмските стандарди од Законот за радиодифузната дејност.



Accessibility

Accessibility