Советот за радиодифузија, како независно регулаторно тело, при остварување на своите надлежности се грижи за слободата и плурализмот на изразувањето. Во врска со неодамнешните случувања во Собранието на Република Македонија и отстранувањето на новинарите, Советот ги повикува сите институции и политички субјекти да им овозможат на претставниците на медиумите непречено извршување на нивните професионални задачи.
Програмите на медиумите треба да бидат отворени за различни политички мислења и гледишта, а настаните треба да бидат прикажувани објективно и непристрасно. Ги повикуваме медиумите да известуваат професионално и да овозможат слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања, во интерес на унапредување на демократските процеси во државата.
Советот за радиодифузија се залага за слободата на изразување и за правото на слободен прием и пренесување на информации, поради што уште еднаш ги упатува институциите и политичките субјекти на нивната обврска за јавност и транспарентност во работењето и ги повикува да го почитуваат правото на новинарите да ги извршуваат своите професионални обврски.