Јавен повик за мислења и предлози за можните правци на развој на непрофитните медиуми

image_pdfimage_print

Скопје, 31.12.2014г. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува сите граѓани и заинтересирани субјекти, да се вклучат во јавната расправа за можните правци на развој на непрофитните медиумиво Република Македонија. Расправата ќе трае до 20 март 2015 година.

Постојните три студентски радија – „Студент ФМ“, „УКЛО ФМ“ и „УГД ФМ“, на универзитетите во Скопје, Штип и Битола, денес го претставуваат резултатот од речиси десетгодишниот континуитет законско, регулирано постоење на – непрофитниот радиодифузен сектор во Република Македонија, востановен со Законот за радиодифузната дејност од 2005 година.

Комуникацискиот потенцијал на поимот – „непрофитен радиодифузен сектор“, искуствата на развиените европски комуникациски системи најчесто го поврзуваат со неговиот содржински фокус, па соодветно и го именуваат како – „медиум на заедницата“. Оттаму, од тоа проверено оперативно меѓународно искуство, станува сосем забележливо дека во овој домен од македонскиот комуникациски систем – се отвора широк, недоволно искористен општествен простор за развој на медиумите на заедницата. Имено, и во „Стратегијата за развој на радиодифузната дејност во Република Македонија за периодот од 2013 до 2017 година“, се потенцира дека:

За да се овозможи развој на овој сектор во радиодифузијата, потребно е да се изработи посебен концепт за развој на медиумите на заедницата, во кој акцент ќе биде ставен на радиото на заедницата. Со концептот треба да се предвидат параметрите според кои ќе се утврдува кои заедници можат да ги задоволат своите медиумски потреби преку радио на заедницата, при што треба да се разгледа како овој сектор да се користи и за развој на мултикултурноста и за зачувување и негување на културите на помалите етнички заедници.

Во прилог на оваа стратешка заложба, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги отвора јавна расправа за ставовите, за мислењата и за предлозите на сите граѓани и заинтересирани страни, а за основа ги нуди податоците од компаративните меѓународни искуства дадени во појдовниот текст со наслов: „Непрофитни медиуми – медиуми на заедницата“.

Расправата ќе трае до 20 март 2015 година. Ве молиме, вашите мислења и предлози испраќајте ги на адресата на Агенцијата – бул. ВМРО бр.3 1000 Скопје или на електронската адреса – contact@avmu.mk

Accessibility