Скопје,15.05.2015 – Во контекст на известувањето за актуелните настани во државата,Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ги потсетува медиумите дека својата улога – да ја информираат јавноста, треба да ја исполнуваат почитувајќи ги професионалните новинарски принципи и стандарди.
Притоа, особено е важно медиумите да и овозможат на јавноста слободно да го формира своето мислење така што ќе и обезбедат сеопфатни, објективни и непристрасни информации и ќе ги прикажуваат настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења. Секогаш кога е тоа можно информациите треба да бидат проверени и изворот да биде наведен. Доколку информацијата не може да се потврди или изворот бара да остане анонимен – тоа треба да биде јасно соопштено.
Медиумите треба да бидат исклучително внимателни при пренесувањето изјави кои во себе содржат навреди, клевети или нетрпеливост, за да не бидат злоупотребени за поттикнување на насилство или на дискриминација врз која било основа.