Скопје, 31.07.2015г. –Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги инсистира при секое нејзино спомнување во текстовите и прилозите посветени на договорот од Пржино да се има во предвид дека станува збор за независно регулаторно тело и дека ваквата нејзина позиција мора да биде почитувана.
Потсетуваме дека со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2014 година се направенисуштински измени во организациската структура и распределбата на надлежностите меѓу двата органи на Агенцијата: Советот и директорот. Членовите на Советот ги именува Собранието на Република Македонија врз основа на предлозите од 6(шест) различни законски утврдени овластени предлагачи. Законот прецизно ги утврдува позициите и надлежностите на Советот и на новововедениот орган – директор, избран од Советот врз основа на критериуми и процедура преку јавен конкурс.
Потенцираме дека регулаторното тело, во текот на целото постоење од 1997 година до денес, никогаш не било, ниту е орган на извршната власт, и никогаш не се финансирало од буџетот на државата.
Што се однесува до шпекулациите во врска со ефикасноста во работењето на Агенцијата – нив ги побиваат транспарентно објавените извештаи за работа на Агенцијата, извештаите од мониторинзите на медиумското покривање на изборните процеси, низата други анализи, истражувања, програми, планови и активности, како и извештаите од спроведените надзори и преземените мерки – сите достапни на веб страницата на Агенцијата – www.avmu.mk
Агенцијата апелира да не биде вовлекувана во дневно-политички збиднувања.