06.10.2015 – Агенцијата за електронски медиуми на Република Хрватска на 1 и 2 октомври беше домаќин на 17-то пленарно собрание на Медитеранската мрежа на регулаторни тела (MNRA) на кое присуствуваа и претставници од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Иднината на MNRA, нејзините цели и функционирање, миграцијата и човековите права со фокус на претставувањето во медиумите, медиумската писменост и предизвиците за регулаторите во овој контекст, беа дел од темите за дискусија. Од страна на регулаторното тело на Малта се презентираа наодите од истражувањето направено меѓу регулаторните тела и членовите на мрежата и врз основа на сознанијата се посочени клучните теми што треба да се разгледаат во контекст на реформата на MNRA.
За претставувањето на емиграцијата во медиумите, основата на расправата ја поставија регулаторните тела од Каталонија и Либан, а своите искуства во контекст на развојот на медиумската писменост ги презентираа регулаторите од Андалузија, Хрватска, Мароко и Босна и Херцеговина.
Беше презентирана и студијата на MNRA во која учествувале регулаторните тела од Мароко, Андалузија, Каталонија и Хрватска за сексистичките стереотипи во комерцијалните комуникации која беше вовед во расправата за родот во комерцијалните комуникации.
На собранието беше избрано и новото претседателството со мрежата, за периодот 2015 – 2016 година, кое го презеде регулаторно тело на Хрватска, додека потпретседателското место беше доверено на регулаторното тело од Шпанија.