Скопје, 03.10.2016г. – Од почетокот на мониторингот на медиумското известување во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември, зачестено се вршат притисоци врз Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а особено по изрекување на првите мерки за прекршувања на Изборниот законик.
Агенцијата упорно не реагираше, настојувајќи да остави најширок простор за слободата на изразување, меѓутоа обвинувањата одат дотаму што Агенцијата се посочува како „цензор“, „приватизирана“, „партизирана“ „непрофесионална“, институција, без притоа да се води и најмалку сметка за фактичката состојба и регулативата којашто е на сила.
Имено, Агенцијата изрекува мерки на радиодифузерите коишто го прекршиле Изборниот законик, исклучиво по предлог на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, што значи дека Агенцијата не може да изрече мерка ако тоа не го предложи Привремената комисија.
Оваа комисија, составена од пет члена е именувана согласно последните измени на Изборниот законик. За својата работа Комисијата едногласно донесе Деловник за работа, според кој одлучува со мнозинство гласови. До Комисијата се доставуваат сите извештаи од мониторингот спроведен од Агенцијата и тие не содржат оценки за балансот во известувањето, туку, овојпат, согласно Изборниот законик, тоа е работа исклучиво на Комисијата. Сите членови на Комисијата имаат пристап до снимките од емитуваната програма на радијата и телевизиите и можат самостојно да ги проверат сите наводи од извештаите.
Со оглед на наведеното, крајно непрофесионално е радиодифузерите за коишто е покрената прекршочна постапка за изрекување мерка да ја инволвираат Агенцијата на каков било начин во процесот на одлучување за изрекување мерка. Агенцијата својата работа секогаш ја вршела професионално, непристрасно и принципиелно и ќе продолжи да работи на истиот начин, без оглед на притисокот што се врши и врз регулаторот и врз вработените. Истото треба да го прават и медиумите и објективно да ја информираат својата публика за тековните настани и случувања, без притоа да и натураат ставови и мислења.
За сите оние кои се обидуваат да ја претстават Агенцијата како цензор, а изборната регулатива како цензура, повторно да потсетиме – цензурата во Македонија е забранета со Уставот. Да беше изборната регулатива во Македонија противуставна – тоа досега веќе ќе беше нотирано во некој од извештаите на странските набљудувачки мисии низ текот на годините. Оттаму, да се тврди дека регулативата, признаена во европскиот радиодифузен простор, е цензура може да значи само две работи – или некој не сака да ги почитува правилата на игра, или некој воопшто и не ги ни знае.