Агенцијата го заокружи проектот ИПА 2011 преку кој набави опрема за мониторинг на медиумските содржини

Скопје, 07.10.2016г. – Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, д-р Зоран Трајчевски и Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, г-дин Самуел Жбогар, денес во просториите на Агенцијата, остварија билатерална средба и официјално ја пуштија во употреба новата опрема за мониторинг на медиумските содржини. Со овој завршен настан се заокружи проектот ИПА 2011 насловен „Обезбедување опрема за мониторинг на медиумските содржини што го врши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“.

Агенцијата со новата опрема технички го осовремени системот за снимање, чување и прегледување на програмските содржини емитувани на радијата и телевизиите. Истовремено, сега се овозможува прием на сигналите на сите радиодифузери на територијата на Република Македонија, како и сигналите на сите оператори на јавни електронски комуникациски мрежи во Република Македонија, во седиштето на Агенцијата. Ова е овозможено преку трансферот на сигналите, од осумте далечински собирни точки до централната собирна точка која е сместена во Агенцијата, која воедно е далечинска собирна точка за Скопје.

Развојот и осовременувањето на регулаторните тела за медиуми, треба да биде предизвик и дополнителен мотив за создавање партнерства и меѓусебна доверба со сите засегнати страни во општеството – истакна директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски за време на настанот.

Вкупната вредност на опремата за мониторинг на медиумски содржини е 839,608.00€, од кои 75% се обезбедени со финансиска помош од Европската комисија, додека останатите 25% односно 209,902.00€ се обезбедени со кофинансирање од буџетот на Агенцијата.

Имплементацијата на опремата ја спроведе компанијата Ассеко СЕЕ ДООЕЛ Скопје и конзорциумот SALVIOL од Љубљана, кои за време на настанот ги презентираа перформансите што ги нуди новиот софтвер и опремата за мониторинг на медиумските содржини, преку која се обезбедува континуирано 24-часовно снимање на емитуваната програма на радио и телевизиските програмски сервиси за кои Агенцијата издала дозволи и снимки во времетраење од најмалку 90 секунди за секој програмски сервис, кој е реемитуван преку мрежата на ОЈКМ најмалку четири пати во текот на еден ден односно 24 часа.

 

– Целиот говор на директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, д-р Зоран Трајчевски може да го преземете на следниот линк



Accessibility

Accessibility