Скопје, 14.10.2016г. – По објавувањето на извештаите од третиот период на мониторингот што го реализира Агенцијата врз основа на обврските од Изборниот законик, во некои медиуми се појавија прилози во кои се изнесуваат тези чија невистинитост е неопходно да се демаскира.
Една од тезите е дека мониторингот треба да биде ограничен само на партиите и на теми поврзани со изборите, или дека треба да се мониторира предизборна кампања. Оваа теза е погрешна во својата основа. Поимот предизборна кампања не постои. Ако се мислело на изборна кампања, тогаш треба да се знае дека тоа е период кој смее да трае само 20 дена пред денот на гласањето, што значи дека мониторинг на изборна кампања ќе има дури во тие 20 дена пред изборите. Во овој момент, во Македонија сé уште не се распишани изборите, што значи дека сé уште не е почнат ниту изборниот процес. На сите расправи и состаноци во пресрет на мониторингот, Агенцијата кристално јасно посочи дека она што се мониторира е начинот на кој радиодифузерите известуваат за вкупниот општествено-политички живот и за сите дневни настани (со исклучок на спортот и настаните од светот), односно се анализира начинот на кој се известува за сите субјекти во државата.
Мониторингот што сега тече е ист како оној што беше спроведен во периодот април-мај годинава, и се реализира според истата Методологија и на истиот начин како и тогаш. Но, и да се реализираше според методологијата што мораше да биде напуштена – аспектите што се проблематизираат деновиве (за тонот и врамувањето) би биле исти. Имено, се следи дали и колку радиодифузерите ги почитуваат професионалните начела, особено она според кое тие треба да имаат еднаков третман кон различните гледишта и ставови и треба да ја остават јавноста самата, слободно да го оформи своето мислење за сите настани и актерите во нив. Оттаму, употребата на експлицитни оценки, негативен или позитивен тон или врамување за кој било субјект (партија, институција, организација) е опишана во извештаите од мониторингот. А, извештаите на регулаторното тело, овојпат, мора да застанат таму каде што застануваат – односно да дадат што е можно поцелосен опис на начинот на кој известува медиумот поради фактот дека на Агенцијата, со измените на Изборниот законик, и беше одземена нејзината законска обврска да констатира прекршувања и да предлага мерки. Затоа, во извештајот за еден ист медиум се посочуваат и сегментите кои се спротивни на програмските начела, но и позитивните примери на коментари и осврти кога тие принципи биле почитувани, како и оние прилози во кои медиумот не додржал во критичкиот однос што го зазел кон одреден субјект изнесувајќи ги фактите со кои тој треба да биде повикан на одговорност, и прибегнал кон негативно врамување. Небаре публиката не умее самата, токму врз основа на изнесените факти, да изгради сопствен став околу тоа за што точно треба тој субјект да биде повикан на одговорност.
Агенцијата не може да каже ниту дали е постигнат баланс во известувањето, зашто оценките за баланс и предлозите за мерки ги дава Привремената комисија. Општо познато е дека во периодот пред почетокот на кампањата, нема критериум за ваквата оценка, оттаму, без намера да „наметнува однос“ и да ја загрозува независноста на Привремената комисија, Агенцијата посочува дека при извлекувањето на оценките, фокусот треба да биде ставен на известувањето за партиите од позицијата и опозицијата и за носителите на функции на власта од нивните редови. Кој е пристапот на Привремената комисија може да одговорат само нејзините членови.
Што се однесува до втората теза – дека при анализата на известувањето за активностите на власта постои селективност бидејќи кај едни медиуми се посочени прилозите за некој настан, а кај други не се или дека некои од нив се одвиваат во живо – и оваа теза има грешка во основата. Она што се анализира не е дали е објавена информација за настанот, туку начинот на кој секој од медиумите известил за настанот (доколку известил). Значи, апсолутно е небитно кои сé медиуми известиле за одреден настан – во извештаите се нотирани оние прилози во кои се врши поврзување на активностите, проектите, резултатите од политиките на власта со некоја политичка партија што партиципира во власта (без оглед која). И, ниту еден од досега издвоените прилози не се однесувал на настани во живо. Да потсетиме и на ова – врз основа на искуството од претходни мониторинзи, Агенцијата сметаше дека мерка за ваков тип прекршок треба да се изрече за не помалку од 10 прилози емитувани во еден извештаен период. Ова подоцна, поради барањата на медиумите и на стручната јавност, беше претворено во двоен критериум – мерка да се изрече доколку во првите три десетдневни извештајни периоди има по најмалку десет вакви прилози, а во наредните периоди доколку има по најмалку пет. Ама ниту еден од овие критериуми сега не важи, зашто таа методологија мораше да биде напуштена. Оттаму, одговорот на прашањето по кој критериум се констатира овој прекршок кај медиумите го има само Привремената комисија.
Уште една теза е дека Агенцијата зазема нечија страна во своите извештаи или дека врши влијание врз Привремената комисија. За првото – да беше регулаторното тело подготвено да заземе страна – немаше да биде изложено на критики од сите страни. Впрочем, формирањето на Привремената комисија е резултат токму на тоа што сите ја критикуваа Агенцијата. Што се однесува до наводното влијание врз Привремената комисија, во изминативе два месеци целата јавност слушна доволно изјави од различни извори, вклучувајќи и членови на Комисијата, во кои секоја комуникација беше наречена притисок, така што воопшто не нé изненадува тоа што сега дури и извештаите се толкуваат како притисок. А, да не е можеби обратна состојбата – да не е можеби проблемот во тоа што се очекуваше Агенцијата да престане да си ја работи работата со формирањето на Привремената комисија.
Професионалните правила на игра во македонскиот радиодифузен простор бараат еднаков третман кон сите. И тоа треба да го почитуваат радиодифузерите. Без оглед каква е практиката на американските медиуми, на кои деновиве се повикуваа некои од радиодифузерите.
За крај, да повториме уште еднаш. Доволно е тоа што медиумите секојдневно и кажуваат на публиката за што да размислува – преку својата неизбежна улога на оние кои избираат за што ќе ја информираат (gatekeeper). Тие не треба и да и кажуваат како да размислува за тие настани, натурајќи и ги сопствените ставови и мислења. Ова второво – не претставува критички однос.