Скопје, 08.08.2018 – Делегација на ОБСЕ/ОДИХР, предводена од вишиот советник за избори, Стивен Мартин денеска во седиштето на Агенцијата за аудио аудиовизуелни медиумски услуги со претседателот на Советот на Агенцијата, Лазо Петрушевски и претставници на стручната служба разговараа за медиумското покривање и активностите на Агенцијата поврзани со претстојниот референдум.
Претставниците на Агенцијата информираа дека со оглед на тоа што во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните нема прецизни правила за начинот на известување на медиумите и емитувањето јавна пропаганда, изготвени се нацрт-препораки, кои ќе бидат финализирани откако на 17 август ќе заврши јавната расправа.
Во однос на Појаснувањето на ДИК за медиумите и медиумското претставување, Агенцијата го повтори својот став дека на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до платената јавна пропаганда, со еднакви цени за сите.