Извештај за вторите десет дена од првиот круг од кампањата за Изборите 2019

image_pdfimage_print

Скопје, 25.04.2019 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денес го објави Вториот извештај за начинот на известување на радиодифузерите во периодот од 10 до 19 април 2019 година. Исто како и првите девет дена од кампњата, со мониторингот беа опфатени вкупно 32 програмски сервиси, односно 15 програмски сервиси на национално ниво (13 ТВ и две радија), 17 регионални и локални телевизии.

Националните медиуми и овојпат повеќе се концентрираа на активностите на претседателските кандидати. Од регионалните и локалните телевизии ретко која во вестите имаше посветено позначајно време за изборите генерално, со тоа што обично се концентрираа на локалните избори.

Карактеристика на медиумското покривање во овој период беше поголемото настојување кај радиодифузерите за доследно почитување на принципот на еднаквост, согласно кој се обезбедува баланс во известувањето за активностите и на претседателските и на градоначалничките кандидати. Исклучок е ТВ Сител кај која има поголеми разлики во отстапеното време во вестите, од една страна за претседателските кандидати Пендаровски и Силјановска-Давкова, а од друга страна за кандидатот Река.

На повеќе медиуми имаше посебни информативни емисии, реализирани било како дебати било како интервјуа на тема избори, а во неколку емисии гостуваа и претставници на Државната изборна комисија, со цел да ги информираат гледачите за начинот на остварување на нивното гласачко право и за текот на изборниот процес воопшто. Во неколку наврати и гледачите имаа можност да ги изнесат своите ставови во врска со изборите, на медиумите коишто емитуваат програми, во кои актуелните настани се предмет на дискусија со гледачите.

МРТ 1, согласно својата обврска, повеќепати упати повик за бесплатно политичко претставување до кандидатите за претседатели и за градоначалници, на кој се одѕва само кандидатот за градоначалник на Охрид од ГДУ.

Освен Јавниот сервис МРТ1 и ТВ 24 Вести, информации за лицата со оштетен слух на знаковен јазик обезбеди и охридската ТВМ.

Извештајот е достапен на следниот линк.

Втор извештај за начинот на известување на радиодифузерите во текот на изборната кампања (10.04.2019 – 19.04.2019)



Accessibility

Accessibility