Скопје, 17.02.2020 – Викендов, непосредно пред донесување на одлуката за распишување на изборите, Собранието донесе Закон за изменување и дополнување на Изборниот законик.
Според новите одредби, сите медиуми – радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), доколку обезбедуваат платено политичко рекламирање (ППР) за предвремените парламентарни избори, што ќе се одржат на 12 април 2020 година, се должни да се регистрираат во Државната изборна комисија (ДИК) најдоцна до 24 часот на 19 февруари, за што треба да поднесат барање за упис, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Македонија, не постара од 30 дена. Барањата се поднесуваат на електронската адреса: izbori@sec.mk.
Медиумите што нема да се регистрираат во ДИК, нема да имаат право да користат финансиски средства за ППР, обезбедени од Буџетот на државата.
Исто така, медиумите се должни најдоцна до 21 февруари 2020 година, да утврдат ценовници за ППР и да ги достават до Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата, а радиодифузерите и до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Ценовниците не смеат да се менуваат до конечното завршување на изборниот процес, а цените не смеат да ја надминуваат просечната цена на рекламирање пресметана во последните пет изминати изборни циклуси.
Просечно постигнатата цена и најниската цена за ППР кај радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) во последните 5 изборни циклуси ги утврдува Државната изборна комисија и тие ќе бидат објавени на нејзината веб страница.
Агенцијата ќе објавува соопштенија со потсетувања за обврските во различните фази од изборниот процес. Повеќе информации поврзани со изборното медиумско претставување се достапни во банерот Избори 2020.