Скопје, 25.06.2020 – Со мониторингот на изборното медиумско претставување на првиот ден од кампањата за Предвремените парламентарни избори 2020 година, Агенцијата констатираше дека повеќе телевизии, спротивно на член 76 став 3 од Изборниот законик, емитуваа платено политичко рекламирање во кое учествуваат малолетници.
Потсетуваме дека за содржината на платеното политичко рекламирање одговорноста е кај нарачателите, но радиодифузерите се одговорни за законитоста на неговото емитување. Оттаму, апелираме радиодифузерите веднаш да престанат да ги емитуваат овие спотови, а учесниците во изборната кампања да го усогласат нивното платено политичко рекламирање со законите.
Радиодифузерите имаат уредничка одговорност за секоја одлука да емитуваат некоја содржина на нивниот програмски сервис. Затоа треба внимателно да ги прегледуваат сите содржини и да одбијат да ги емитуваат оние со коишто се прекршува не само Изборниот законик, туку и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ова особено се однесува на посебните забрани од членот 48, во кои спаѓаат и поттикнувањето и ширењето дискриминација, нетрпеливост и омраза врз која било забранета дискриминаторска основа.