ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ АВМУ И АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО

 Скопје, 14 април 2021г. – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за храна и ветеринарство денеска потпишаа Меморандум за соработка, во врска со рекламирање, телешопинг, пласирање производи и спонзорство за храна и додатоци во исхрана во програмите на радијата и телевизиите, особено во поглед на здравствените и нутритивни тврдења, за тврдењата за намалување на ризикот од болест и за измамите поврзани со храна.

Целта на потпишувањето на Меморандумот е да се заштитат здравјето и интересите на потрошувачите и граѓаните да имаат можност да направат личен и правилен избор врз основа на вистинити и чесни информации. Имајќи ја предвид ранливоста на најмладите, посебен фокус ќе биде ставен на аудио и аудиовизуелните комерцијални комуникации што се составен дел или ги придружуваат емисиите за деца, а кои содржат масти, заситени масни киселини, сол/натриум и шеќери, чие прекумерно внесување во вкупната исхрана не е препорачливо.

Размената на информации меѓу двете агенции ќе биде во функција на доследно почитување на законски пропишаните правила и стандарди за комерцијални комуникации кои се однесуваат на храна и додатоци во исхраната, посочи директорот на АВМУ,  Зоран  Трајчевски.

Преку договорената соработка, во рамки на националната регулатива која се однесува на оваа област, денес, заедно со АВМУ, пред потрошувачите, институциите и бизнис заедницата ги поставивме основите за одговор на современите барања за рекламирање  на оваа категорија производи, што ќе биде гаранција дека на пазарот се нуди максимално безбедна храна и додатоци во исхраната, а потрошувачите не се доведуваат во заблуда и измама од страна на операторите – истакна Николче Бабовски,  директор на Агенција за храна и ветеринарство.



Accessibility

Accessibility