Одржана Конференција „Интегритет на изборите во новото информациско опкружување“

image_pdfimage_print

Скопје, 7 април 2022 – Во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и УСАИД, на 5 и 6 април во Скопје се одржа конференцијата „Интегритет на изборите во новото информациско опкружување“, посветена на медиумите и нивната регулација во изборните процеси.

Целта на конференцијата беше да се поттикне дискусија меѓу граѓанските организации, здруженија и институции од земјава и релевантни чинители од европските земји за прашања поврзани со изборите и преку нивните искуства да се понудат препораки за унапредување на моменталната состојба.

Директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски на почетокот на настанот се осврна  на значењето на медиумското информирање за време на изборните процеси и активностите на Агенцијата за следење на изборното медиумско известување на радиодифузерите во тој период. Го потенцираше и ставот за укинување на финансирањето на платеното политичко рекламирање (ППР) на политичките партии од буџетски средства на државата, а доколку тоа не е можно, партиите да добиваат средства за ППР по рамноправен модел.

Членот на Советот на АВМУ Зоран Фиданоски потсети на дел од обврските за радиодифузерите во изборниот период и направи ретроспектива на неколку изборни циклуси во поглед на резултатите од мониторингот на изборното медиумско претставување на радиодифузерите и улогата на регулаторното тело во нив.

На настанот стана збор и за влијанието на дигиталните дезинформации врз изборниот интегритет и начините за справување со нив. Останатите говорници споделија искуства и добри практики од европските земји за справувањето со дезинформациите и лажните вести во изборните кампањи, ја потенцираа важноста на регулацијата и саморегулацијата во медиумите за време на изборните процеси, уредничката независност, медиумското известување ослободено од политички и економски интереси.

Вториот ден од Конференцијата опфати искуства на АВМУ и регулаторното тело за комуникации на Италија (АГКОМ) во поглед на мониторингот на медиумските содржини и платеното политичко рекламирање на радиодифузерите. Раководителката на Секторот за програмски работи во АВМУ м-р Емилија Јаневска, го објасни процесот и активностите поврзани со мониторингот на платеното политичко рекламирање на радиодифузерите и предизвиците со кои се соочува Агенцијата во текот на изборните циклуси. Ги презентираше и ставовите на АВМУ во врска со одредбите од Изборниот законик коишто се однесуваат на платеното политичко рекламирање. Искуства беа споделени и од Државната комисија за спречување на корупција во делот на транспарентноста во финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и политичкиот маркетинг вклучувајќи го и онлајн рекламирањето.

Дел од препораките кои произлегоа од Конференцијата се однесуваат на обезбедување зајакнати институции кои ќе спроведуваат фер и ефикасни избори и зголемување на транспарентноста на институциите и политичките партии за да се намалат дезинформациите поврзани со нив. Беше потенцирана потребата од соработка помеѓу регулаторните тела и градење на капацитети и вештини на нивните вработени,  подигнување на свесноста на граѓаните за критичко размислување, а уредницитe и новинарите да ги набљудуваат јавните функционери и политички партии и доколку не ги спроведуваат дадените ветувања да ги повикаат на одговорност. Беше констатирана потребата од  темелна ревизија и промена на Изборниот законик посебно во делот на платеното политичко рекламирање, за да не останат недоречености и да се обезбеди стабилна регулаторна рамка која ќе формира правна сигурност, без да се менува Законикот пред одржување на избори. Воедно, треба законски да се уреди и начинот на функционирање на интернет порталите и начинот на рекламирање преку нив.



Accessibility

Accessibility