АВМУ Е ПРОТИВ ТРОШЕЊЕТО БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ЗА РЕКЛАМИРАЊЕ НА ВЛАСТА ВО МЕДИУМИТЕ

Скопје, 15 јули 2022 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е крајно загрижена поради предлозите за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги .

Понудените решенија се проблематични од повеќе аспекти, почнувајќи од самото дефинирање на кампањите од јавен интерес, начинот на нивно спроведување, а особено нивното финансирање со средства од државниот буџет и од буџетите на единиците на локалната самоуправа.

Медиумите имаат обврски и одговорност кон јавноста и оваа своја улога треба да ја извршуваат без надомест и без какви било влијанија. Со предложените измени, со буџетски средства ќе се плаќа за пренесувањето на идеите и активностите на централната и локалната власт што повторно отвора простор за директно нарушување на уредувачката самостојност и независност на медиумите, нивно корумпирање и создавање клиентелистички и сервилен однос кон власта.

 Во сегашниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е предвидено дека кампањите од јавен интерес и апелите за добротворни цели се емитуваат бесплатно на програмите на радиодифузерите. Според стандардите, за кампањи од јавен интерес се сметаат исклучиво оние кои се однесуваат на теми од поширока општествена корист или алтруистичка цел (како безбедност во сообраќајот и на патиштата, граѓански должности, здравствени кампањи и така натаму), без разлика кој е нивниот нарачател.

Агенцијата и претходно јавно реагираше дека средствата на даночните обврзници, односно на граѓаните не треба да се користат за рекламирање во медиумите. Исто така, кампањите од јавен интерес не смеат да се користат како начин за субвенционирање на медиумите. Регулаторот е на став дека треба да се субвенционира создавањето програмски содржини, но тоа да биде направено на таков начин што ќе придонесе за создавање квалитетни радио и телевизиски програми од интерес на јавноста, без да се поткопува независноста на медиумите. Во оваа насока, Агенцијата го поддржа барањето на Здружението на регионални и локални станици „Медиум објектив“ за „формирање фонд за медиуми со кој би се субвенционирале програмски содржини од регионална и локална тематика заради развој на програмската понуда и стимулирање на демократскиот плурализам во општеството“.

Со цел да се донесат законски решенија кои ќе ја гарантираат слободата и независноста на медиумите, секоја измена на медиумската легислатива треба да биде предмет на пошироки јавни консултации со сите засегнати страни, пред се со релевантните професионални здруженија и регулаторот, и да биде во правец на усогласување со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската Унија.



Accessibility

Accessibility