Одржана работилница за медиумските потреби на лицата со попреченост

image_pdfimage_print

Скопје, 28 октомври 2022 –  Денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во рамки на Деновите на медиумска писменост 2022 ја одржа работилницата „Неодложна пристапност“ – медиумските потреби на лицата со попреченост. Работилницата имаше за цел да им помогне на радиодифузерите и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање полесно да се справат со обврските од ревидираната Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, согласно која ќе треба да ги направат своите програми достапни за лицата со попреченост.

 

Како што истакна директорот на АВМУ, д-р Зоран Трајчевски „примената на парадигмата еднаквост и еднакво учество во општеството за сите општествени групи, особено почива на работата на медиумите. Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Обединетите Нации, утврдува дека државите-членки се должни да водат сметка за заштита и унапредување на човековите права на лицата со различни видови попреченост во сите политики и програми и да се обврзат да преземат мерки во областите на економските, социјалните и културните права, согласно со максимално расположливите средства и доколку е потребно, во рамките на меѓународната соработка, да се постигне постепено, потполно остварување на овие права“.

Сашо Богдановски од Програмскиот сектор на Агенцијата во улога на модератор дискутираше за Нацрт – саморегулаторниот документ за пристапност до аудиовизуелните медиумски содржини и ги посочи активностите на Агенцијата за обезбедување достапност до медиумите за лицата со сетилна попреченост.

На работилницата говореше и Кристијан Лазарев – автор на македонскиот асистент за читање „Кико“ и проектен асистент на Здружението „Отворете ги прозорците“, кој ги истакна придобивките од имплементирањето на читачот „Кико“, како и вредноста од обезбедување дигитална достапност до информациите на веб страниците на медиумите и институциите. Панелистка на настанот беше и Елена Кочоска – програмска раководителка за вработување и едукација на лица со попреченост во „Полио Плус“, која ги посочи реалните проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост и ги сподели своите размислувања како да се придонесе за надминување на бариерите во испораката на медиумските содржини.

Заедничка констатација на присутните претставници на медиумите, организациите и здруженијата на лица со попреченост е дека медиумите треба да придонесат во борбата против дискриминацијата на лицата со попреченост, преку обезбедување еднаква основа да го остварат своето право на целосни и редовни информации, вклучувајќи достапност на медиумските содржини во формат кој е прилагоден за лица со попречености. Истовремено, медиумите ја имаат можноста значително да придонесат за развој на човековите права, инклузија и промовирање на идејата за еднаквост.

Од страна на Марија Башевска на работилницата беше обезбеден превод на македонски знаковен јазик.

 



Accessibility

Accessibility