Скопје, 26 ноември 2022 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува недоличниот однос на директорот на топланата Скопје-Север, Куштрим Рамадани кон новинарката Катерина Додевска на порталот „МКД.мк“.
Упатувањето вулгарни навреди во ниту еден случај не смее да биде начин на комуникација на носителите на јавни фунцкии, затоа што со самото прифаќање на позицијата нивната работа е предмет на надзор на јавноста и на потенцијално силна јавна критика преку медиумите. Истовремено тие треба да бидат свесни дека имаат одговорност за секој искажан збор и дека мора да се воздржат од секаков вид недолична и непримерна комуникација.
Попречувањето на работата на новинарите претставува загрозување на слободата и правото на информирање. Неопходно е на медиумските работници да им се овозможи професионално да си ги извршуваат своите обврски, пред се, имајќи ја предвид нивната улога во отворањето прашања од јавен интерес и обезбедувањето транспарентност и одговорност на политичките и јавните органи.