Скопје, 13 февруари 2023 – Под покровителство на УНЕСКО, денеска по дванаесетти пат се одбележува Светскиот ден на радиото кое оваа година се одржува под мотото „Радиото и мирот“.
Радиото како универзален медиум кој досега до различни заедници и неговата улога во градењето мир и стабилност, овозможуваат да биде совршена платформа за поттикнување на јавниот дискурс за борба против насилството и конфликтите.
При известувањето и информирањето на општата јавност, радиостаниците го обликуваат јавното мислење и врамуваат наратив, кој може да придонесе за ублажување на различни конфликти или тензии во општеството и преку разговори и јавни дебати да спречи нивна ескалација.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на сите радиостаници во земјава им го честита Светскиот ден на радиото и ги повикува да дадат сопствен придонес во неговото одбележување.