Одржан вториот јавен состанок на Агенцијата за 2023

Скопје,  23 јуни 2023 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска го одржа вториот јавен состанок, на кој директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.

Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, давателите на АВМУ по барање и издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените истражувања, како и активностите на полето на меѓународната соработка.

На состанокот беа презентирани и наодите од Анализата на пазарот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година, во која е опфатено економското работење на јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните телевизии и радија во 2022 година, како и податоците од мерењата на телевизиската и радиска публика.

Анализата покажа дека вкупните приходи во индустријата во 2022 година изнесувале 2,514.63 милиони денари, а вкупните трошоци изнесувале 2,578.53 милиони денари. Во споредба со 2021 година, зголемување на приходите имало кај јавниот сервис и комерцијалните радиостаници, а комерцијалните телевизии оствариле помалку средства. Целата анализа е достапна на веб страната www.avmu.mk.

Во врска со реализацијата на активностите утврдени во Регулаторната стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот од 2019 до 2023 година, беше констатирано дека се исполнети речиси сите активности предвидени во неа. Агенцијата изработи голем број на студии, анализи и други релевантни документи, а одржа и голем број работилници, дебати и обуки во врска со разни аспекти од работењето на медиумите.

Во рамки на состанокот имаше и јавна консултација за Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување, а во врска со Одлуката на Уставниот суд со која делумно се укинува ставот 6 од член 9 од овој Правилник, во која се вклучија голем дел од присутните.

Презентациите се достапни на следните линкови:

Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ

  • д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ

Анализа на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2022 година

  • Сања Гудеска Здравковска, АВМУ

Реализација на Стратегијата за развој на аудио и аудиовизуелна дејност за периодот од 2019 до 2023 година

  • Катерина Доневска, АВМУ


Accessibility

Accessibility