Скопје, 7 јули 2023 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува повлекувањето на текстот објавен и уреден од новинарот и уредник Жарко Настоски, во онлајн изданието на медиумот Слободен печат.
Новинарите имаат право и обврска да информираат и да отвораат прашања кои се предмет на јавен интерес, особено кога станува збор за сомнежи за евентуални злоупотреби од страна на власта и носителите на јавни функции. Целосното повлекување на објавен текст не само што негативно се одразува на слободата на информирање и на слободата на изразување туку може да се толкува и како обид за цензура, што е изречно забрането според Уставот.
Медиумите се самостојни во уредувачката политика, меѓутоа имаат и одговорност кон јавноста во насока на нејзино информирање. Оттука, неопходно е тие да ја почитуваат самостојноста, независноста и одговорноста на уредниците, новинарите и другите автори при креирањето содржина и да поттикнуваат истражувачко новинарство во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија.