Скопје, 28 септември 2023 година – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска го одржа третиот јавен состанок, на кој директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, давателите на АВМУ по барање и издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените истражувања, како и активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и преземените мерки од страна на Агенцијата и најчестите прекршувања на радиодифузерите и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи (ОЈЕКМ) за 2020, 2021 и 2022 година. Kако што посочи м-р Сања Филиповска од Секторот за правни работи и јавни набавки, најчестите прекршувања кај радиодифузерите се однесуваат на непочитување на правилата за заштита на малолетните лица и неемитување најмалку 30% програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела, додека кај ОЈЕКМ заради реемитување на програмски сервиси кои не се опфатени со потврдите за регистрација на програмски сервиси издадени од Агенцијата.
Во трите години изречени се вкупно 143 јавни опомени и поведени 17 прекршочни постапки за радиодифузерите, додека за ОЈЕКМ 35 јавни опомени и 8 прекршочни постапки. На оваа тема беше отворена дискусија со цел да се утврдат причините за прекршувањата и да се дадат препораки на што радијата и телевизиите да посветат повеќе внимание во иднина за да се зголеми степенот на почитување на законските обврски.
Презентациите се достапни на следните линкови:
Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ
- д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ
- м-р Сања Филиповска, АВМУ