Промовиран Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми

Скопје, 12 октомври 2023 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со поддршка на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ, денеска го промовираше Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.

Кодексот е изготвен на иницијатива на Агенцијата во соработка со релевантните институции од областа – Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата Метаморфозис. Принципите и стандардите пропишани во Кодексот се од етичка природа, поради што неговото почитување е на доброволна основа, со потпишување Пристапница.

Дигиталното опкружување донесе нови трендови и бројни предизвици: нови тактики за политичко рекламирање, водење кампањи и финансирање, пласирање нецелосни, неточни или злонамерни информации. Се почесто на социјалните мрежи и генерално во онлајн просторот се користат форми на изразување што можат да поттикнат клима на нетрпеливост, омраза, насилство и дискриминација рече директорот на АВМУ Зоран Трајчевски говорејќи за причината за донесувањето на Кодексот и истакна дека во процесот на изготвување користена е експертска помош од ОБСЕ/ОДИХР.

 Позитивни оценки и поддршка за Кодексот дадоа и министерот за информатичко општество и администрација г. Азир Алиу и Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ H.E. г. Килијан Вал.

На настанот беше презентиран и начинот на функционирање и улогата на Координативното тело кое ќе го следи почитувањето на начелата и стандардите посочени во Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и други субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.

Воедно, беше претставена  и новата веб страница www.izborenkodeksonline.mk, наменски изработена во функција на запознавање на јавноста со Кодексот и работата на Координативното тело. Страницата е достапна на македонски, албански и англиски јазик и е прилагодена за лица со оштетување на видот.

Своите видувања за Кодексот и неговото спроведување во пракса ги споделија претставниците на Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување корупција, Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Повеќе информации за настанот и релевантните документи се достапни на www.izborenkodeksonline.mk.



Accessibility

Accessibility