Скопје, 16 јуни 2026 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува загриженост поради употребата на вулгарен, навредлив и понижувачки говор, како и непримерни гестови во подкастот „Тешки муабети“ со Мечка и Мичо, објавен на платформата YouTube.
Слободата на изразување и правото на критика се фундаментални демократски вредности и нивното остварување мора да биде заштитено. Истовремено, ваквиот начин на изразување, проследен со омаловажувачки квалификации и гестови што не се во согласност со стандардите на пристојна комуникација, не придонесува за аргументирана расправа по прашања од јавен интерес.
Агенцијата потсетува дека негувањето култура на дијалог и достоинствено јавно обраќање претставува заедничка одговорност на сите учесници во општествениот простор. Во таа насока, ги охрабрува креаторите на онлајн содржини како значајни чинители во современиот медиумски екосистем, преку своето дејствување да придонесуваат за развој на демократска и одговорна комуникациска култура, заснована врз заемно почитување и аргументирана размена на идеи.