Скопје, 26 октомври 2026 – Од денеска до 2 ноември ќе се одржат Деновите на медиумска писменост 2026 (ДМП), организирани од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Мрежата за медиумска писменост (ММП). Со нив, нашата држава по осми пат се приклучува кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО. Програмата за ДМП 2026 е достапна на линкот.
Како што истакна заменикот на директорот на АВМУ Мухамер Беќири на денешната прес-конференција, Деновите на медиумска писменост ќе се одвиваат под мотото „Сите имаме своја улога“, кое е директно поврзано со темата на Глобалната недела на УНЕСКО, „Сите имаме своја улога – Медиумска и информациска писменост за луѓето“. Клучната порака годинава е токму тоа – секој поединец, секоја организација, институција, секој медиум, со еден збор, секој од нас, да размисли како може да придонесе за да бидеме сите повешти во препознавањето на злонамерните или неточните информации, како времето поминато пред екранот да го употребиме корисно, како можностите што ги нуди вештачката интелигенција да ги искористиме за добробит.
На настанот се обрати и Лучано Скамбјато Личарди, тим лидер за комуникации и печат од Делегацијата на Европската Унија, кој говорејќи за значењето на медиумската писменост ја спомена и Escape Fake, интерактивната игра развиена во Европската Унија, со поддршка на програмата „Креативна Европа“. За време на ДМП, од 26 до 30 октомври, сите Europe House центри низ земјата ќе организираат работилници за средношколци, во чии рамки тие ќе имаат можност да ја испробаат играта и да ги стават на тест своите вештини за критичко размислување.
Во организацијата на ДМП 2026 заедно со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, учествуваат и Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија, Националниот младински совет на Македонија, Лице в Лице, Фондацијата Метаморфозис во соработка со нивната партнер-организација Иновативни медиуми, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.
Настаните кои ќе се одржат во рамки на Деновите на медиумска писменост ќе се одвиваат во Скопје, Гостивар, Струмица, Битола, Велес, Струга и Тетово. Преку овие настани ќе бидат инволвирани младите, особено средношколците, нивните професори, носителите на политики и одлуки, лицата кои припаѓаат на различни маргинализирани групи, како и лицата со попреченост и нивните родители.
Повеќе информации за Деновите се достапни на веб страницата mediumskapismenost.mk како и на Фејсбук и на Инстаграм профилите на Мрежата за медиумска писменост.