1

Изготвена студија за регулаторна рамка за медиуми и онлајн медиуми

Скопје, 08.08.2018 – За потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со експертска помош на Советот на Европа е изготвена студијата „Регулаторна рамка за медиуми и онлајн медиуми – македонскиот случај“. Во неа се прави компаративна анализа на законодавствата на земјите-членки на Европската Унија во однос на онлајн медиумите, нивното дефинирање, регулирање и се даваат препораки за можни измени и дополнувања на правната рамка.


Анализата покажува дека во земјите-членки на ЕУ, материјалниот опсег на регулаторната рамка за медиуми е ограничен на аудиовизуелни медиумски услуги, како што е дефинирано со Директивата на АВМУ, поради што не ги опфаќа онлајн медиумите кои главно не се аудиовизуелни. Сепак, во неколку земји, како што се наведува во студијата, може да се најдат дефиниции за онлајн медиуми (или електронски медиуми или слични концепти), или во Законот за аудиовизуелни услуги или, почесто, во конкретни закони за медиуми.

„Овие дефиниции понекогаш се придружени од минимални административни обврски, како што е запишувањето во јавен регистар, но тоа во никој случај не значи дека постои некаква форма на регулирање на содржините слично на она кое им се налага на давателите на аудиовизуелни медиумски услуги“, се наведува во студијата.

Студијата е достапна на македонски и англиски јазик, а наскоро ќе биде преведена и на албански.




Промовирана публикацијата „Регулаторни тела за медиумите и говорот на омраза“

Скопје, 12.04.2018 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска на конференцијата на тема „Говорот на омраза во медиумите“ ја промовираше публикацијата „Регулаторните тела за медиумите и говорот на омраза“, во која се пренесени искуствата и практиките на регулаторите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора.

Како што соопшти директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски, во публикацијата се собрани компаративни податоци за легислативата поврзана со говорот на омразата во секоја од земјите, компетенциите на регулаторните тела, начинот на постапување и карактеристичните поединечни примери.

– Важно беше сето тоа да се контекстуализира во дискурсот во кој – за говорот на омразата се говори во европски рамки, да се извлечат заклучоци од минатото и, секако, да се дадат препораки за во иднина – рече Трајчевски.

Конкретни примери за справувањето со ова прашање презентираа Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Асја Рокша-Зубчевиќ од Регулаторната агенција за комуникации на Босна и Херцеговина и Станислав Бендер од Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска.

На конференцијата, стана збор и за стереотипите, дискриминацијата и говорот на омраза кон Ромите и ЛГБТИ-лицата. Претседателот на Едукативниот и медиумски развоен центар на млади Роми – Асоцијација „24 Вакти“, Бајрам Рамадан ги претстави наодите за известувањето за Ромите во македонските медиуми, кои се објавени во публикацијата „Слика за Ромите: Говор на омраза, антициганизам и медиуми“, а Славчо Димитров од Коалицијата „Маргини“ ги претстави резултатите од истражувањето за ставовите на публиката за претставувањето на ЛГБТИ-лицата во радио и телевизиските програми, кое е резултат на соработката меѓу Коалицијата и Агенцијата.

Конференцијата беше организирана во рамките на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, што заедно го спроведуваат Европската Унија и Советот на Европа.