Родот во изборната кампања 2020, во фокусот на првиот јавен состанок на АВМУ
Скопје, 25 март 2021 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска одржа јавен состанок, кој поради состојбата со корона вирусот, се реализираше преку видео конференциска врска. На состанокот, директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски, направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, издавачите на печатени медиуми, изречените мерки јавна опомена, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и наодите од анализата на родовите прашања и начинот на прикажување и претставување на жените и мажите во вестите на националните телевизиски сервиси – МРТ1, МРТ2, Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма, за време на изборната кампања за Предвремените парламентарни избори во 2020 година. Анализата за потребите на Агенцијата ја изработи Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје.
Наодите од анализата покажаa дека медиумското покривање на изборната кампања забележително тежнееше кон промоција на мажите – кандидати за пратеници и машкиот поглед и експертиза за случувањата околу изборите. Кандидатките беа ставени во сенка на своите колеги мажи, имаа помалку пристап до различните форми на промоција на нивните платформи и нивните профили и пораки остануваа анонимни, односно нечуени и невидени од јавноста. Во прилозите за изборната кампања, од вкупно 134 претставници на политички партии, 128 беа мажи, наспроти 6 жени. Во дневно информативните емисии на изборни теми, како примарни субјекти се појавуваа 86% мажи, наспроти 14% жени.
Квалитативната анализа на содржината на дневно информативните емисии, меѓу другото покажа дека во 9 прилози претставувањето на жените беше сексуално објективизирано, додека во 6 прилози беше забележана стереотипизација врз основа на родовите улоги претпоставени од општеството.
Презентациите се достапни на следните линкови:
Спроведени активности согласно Годишната програма за работа на АААВМУ
д-р Зоран Трајчевски, директор на АААВМУ
Родот во изборната кампања 2020
Александра Јовевска Ѓорѓевиќ – Институт за Демократија ИДСЦС
– Агендата за јавниот состанок на Агенцијата може да се преземе на следниот линк
– Пријавата за учество на јавниот состанок на Агенцијата може да се преземе на следниот линк