Скопје, 10.6.2026 година – Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе Одлука за одбивање на Барањето за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс. Одлуката е донесена врз основа на наодите од Студијата за утврдување на оправданоста за објавување јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс, со која е утврдено дека не постои оправданост за доделување нова дозвола за телевизиски програмски сервис од општ формат на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс.
Советот, исто така, донесе Одлука со која се дозволува промена во сопственичката структура на Трговското радиодифузно друштво ЈОН РАДИО ДОО Струга, откако беше утврдено дека предложената промена не создава недозволена медиумска концентрација согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Во насока на реализација на Планот за јавни набавки на Агенцијата за 2026 година, Советот даде одобрување за спроведување на две постапки за јавна набавка, и тоа за услуги од биро за превод, како и за набавка на пијалаци и потреби за кујна.
Советот даде согласност директорот на Агенцијата да го потпише Анекс бр. 1 кон Договорот за доделување финансиска помош – донација од 11.2.2025 година, склучен помеѓу Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Јавната здравствена установа – Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
На седницата беше донесен и Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на користење, управување и одржување на службените возила на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.